Домаќин на 33. по ред доделување на Британските музички награди, по трет пат беше актерот Џејмс Корден. Вечерта стартуваше со Мјуз и темата “Supremacy”, а во придружба на оркестар составен од 75 члена. Најмногу причини за славење, пак, имаше шкотската пејачка Емили Санде, која си замина со две награди – за најдобар албум за “Our Version of Events” и најдобра соло пејачка. “Skyfall” синглот на Адел е прогласен за најдобар за 2012-та, додека Колдпеј добија признание за најдобра изведба во живо. Mumford & Sons, пак, се прогласени за најдобар музички состав. Интересно е што од годинава се воведе наградата за најдобар глобален успех, а неа ја однесоа момците од One Direction. Лана Дел Реј ја доби наградата за најдобар меѓународен успех во категоријата пејачки, Блек Кис во категоријата музички состави, а Френк Оушн во категоријата пејачи. Меѓу наградените уште се најде и Бен Хауард, кој замина дома исто како и Емили Санде со две награди – за најдобар нов изведувач и најдобар соло музичар.

СТРИПТИЗ НА СЦЕНА
Тејлор Свифт извела стриптиз пред бившиот

23-годишната Тејлор Свифт ги изненадила сите со својот настап. Пејачката на сцената стигнала во прегратките на машки танчари и облечена во венчаница. За време на изведбата на песната “I Knew You were trouble” се соблекла во црн комбинезон. Песната наводно ја напишала по прекинот на кусата врска со членот на One Direction, Хари Стилс (19) кој за време на нејзиниот настап бил во публиката. Многумина коментирале дека била секси и имала енергични танцови движења. Настапот, освен бившиот дечко, и го пофалил и Роби Вилијамс, кој уште рекол и дека младата пејачка е во одлична форма.

МОДНА КАТАСТРОФА
Рита Ора во тоалета со “дополнително” газе

Рита Ора позната по својот еклектичен и откачен стил, иако секогаш носи нешто што ја одвојува од мнозинството и е во парчиња кои и прилегаат на фигурата, овојпат облекла фустан кој визуелно и ја “изел” фигурата. Во креацијата Рита изгледала како да нема ни половина ни стапала, а дополнителниот материјал во делот кај задникот изгледал повеќе чудно отколку секси. Рита изгледала како да виси.