– По 24-ти пат на манифестацијата ќе го славиме оризот симболот на кочанскиот крај. Содржините се разновидни, богати и содржајни. Во меѓународниот дел од манифестацијата ќе учествуваат претставници од збратимените градови со Кочани, Крижевци Хрватска, Сигентсетмиклош Унгарија, Китила Романија, Хмељницки од Украина, како и фолклорни групи од Полска,Турција, Романија. Хрватска, Босна, Црна Гора и Македонија, рече денеска на прес-конференција градоначалникот на Кочани Ратко Димитровски.

Традиционалната жетва на ориз со срп ќе се реализира на оризова нива во кочанското село Прибачево каде што ќе биде прогласен и најдобриот индивидуален земјоделски производител.

Во рамки на манифестацијата ќе биде промовирана и книга за оризот, а ќе се реализира и традиционалната манифестација „Оризова бела вечер” со настап на Елена Ристевска и кочански музички бендови.

Буџетот на манифестацијата изнесува милион денари, обезбедени од општина Кочани.