ЕЛЕМ ќе се подмладува
Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) ќе ги раскине договорите со околу 50 лица кои работат во компанијата со договор на дело. ЕЛЕМ планира да склучи нови едногодишни договори со квалификувани стручни кадри, но преку агенциите за повремени вработувања.
Во компанијата за производство на струја се вработени 3.800 лица, а поголемиот дел од нив се повозрасни лица. За директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, тоа е показател дека се работи за стара компанија, поради што во развојната програма на фирмата е зацртано да се примат млади кадри.
– Тоа не значи дека стариот квалитетен кадар ќе биде отпуштен. Нивното долгогодишно искуство и знаење во овој сектор треба да се искористи во компанијата – вели Чинговски.
Стручните служби на ЕЛЕМ наскоро треба да ги завршат подготовките за распишување на тендер за избор на ревизор, кој ќе го преиспита работењето на компанијата за годинава. Ревизијата треба да покаже зошто компанијата работела со загуби и дали евиденцијата на податоците е според меѓународни сметководствени стандарди. (В.Ма)