Дел од капиталот на државната компанија за производство на струја, Електрани на Македонија ќе котира на Македонската берза за хартии од вредност, најавува новиот менаџерски тим на ЕЛЕМ. Според директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски на Берзата ќе може да котираат најмногу 30 проценти од капиталот на компанијата.
– Со идејата сакаме да овозможиме влез на приватен капитал во ЕЛЕМ. Тоа може да се реализира и преку продажба на дел од акциите на компанијата на домашни физички лица и на поранешни и сегашни вработени во компанијата. Со тоа ќе се овозможи влез на свежи пари во ЕЛЕМ, со што ќе можеме да реализираме повеќе проекти во иднина – вели Чинговски.
Менаџментот на ЕЛЕМ пред да излезе со конкретен предлог пред Владата ќе направи детални анализи со кои ќе ја согледа користа од ова решение за компанијата. ЕЛЕМ ќе ги користи советите од инвестиционите банки и од брокерите и ќе изработи методологија по кои услови ќе може да се добијат акции.Очекуваните позитивни ефекти за компанијата и за економијата во државава ќе бидат основен предуслов за ставање на дел од капиталот на Берзата.
Од компанијата велат дека во моментов се приоритет инвестициите во производствениот дел, кои се од стратешко и развојно значење за компанијата.
– Ќе се фокусираме на зајакнување на конкурентноста и либерализацијата, како и на користење на современи модели за вложување за да се пристапи кон нови извори за производство на електрична енергија – велат од ЕЛЕМ. (В.Ма.)