АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) ја почнаа процедурата за потпишување на Договорот за изградба на хидроцентралата “Св. Петка” со словенечката компанија “Рико”, која беше избрана на тендер како најповолен понудувач. За изградба и финансирање на проектот ХЕЦ “Матка 2” која е со моќност од 40 мегавати, “Рико” ќе обезбеди кредит во вредност од 41 милион евра од американската банка “Депфа” или од конзорциум од словенечки банки, а дополнителна гаранција ќе понуди и “Словенечката извозна дружба”.
Изградбата ќе трае три години, вклучувајќи изградба на армирано-бетонска брана во висина од 70 метри, како и изградба и монтажа на електрична, машинска и хидроелектрична опрема. Во изградбата ќе учествуваат македонските градежни компании “Бетон”, “Маврово”, “ФАКОМ”, “ЕМО Охрид”, “Макмонтинг” и словенечките проектни компании “Корона”, “Литострој” и “Гопла”.
Во првата фаза од изградбата на централата што опфаќа одливна шахта, опточен тунел и други земјени работи, ЕЛЕМ има инвестирано 16 милиони евра сопствени средства. Средствата за изградба на втората фаза треба да се вратат во следните 15 години. (МИА)