Електрани на Македонија ќе биде новото претпријатие кое ќе се издвои од сегашното Електростопанство на Македонија, а во чии рамки ќе бидат сите термо и хидроцентрали во земјава. Во ЕСМ ќе останат дистрибуцијата и малите хидроцентрали кои производно се врзани за дистрибутивната мрежа. Со претходното одвојување во МЕПСО на преносот, ова ќе биде втора делба на некогашното Електростопанство на Македонија, а како подготовка за претстојната приватизација. Одлука за натамошно делење на претпријатието донесе Владата во мај, кога расправаше за тоа што да се продава. Иако не е донесен конечен став за тоа што ќе се приватизира, одвојувањето на производството и дистрибуцијата во посебни претпријатија, како што се сметаше, може да го олесни процесот доколку се реши да се приватизира само дистрибутивната мрежа, а нема да пречи ни ако се продава заедно со дистрибуцијата.
Одлуката за формирање на ново претпријатие, засега во државна сопственост, била донесена на последната седница на УО на компанијата и се очекува целата постапка за регистрација да биде завршена до крајот на август, а Електрани на Македонија да профункционираат како посебен правен субјект веќе од септември. Изборот на идните директори ќе ги направат Надзорните одбори, чии членови ќе ги избере Владата.
Во Електрани ќе останат 4.050 вработени, а во ЕСМ – 3.600, односно распределбата била направена според организационата припадност на сегашните работни места.
Целата струја, што ќе се произведува од Електрани, според утврдениот модел, ќе ја откупува МЕПСО, кое потоа ќе ја испорачува на дистрибуцијата, а таа ќе ја пласира на малите потрошувачи по регулирани цени утврдени од Регулаторната комисија.


ЕСМ во позитива
Електростопанство на Македонија, онака како што беше организирано лани, со сите сегменти, минатата година ја завршило со чиста добивка од околу 400 милиони денари. Вкупните приходи биле 16 милијарди денари, како и годината претходно, а расходите биле помали од оние во 2003 година. По одвојувањето на МЕПСО, во првиот квартал од годинава била остварена добивка од 829 милиони денари.


Зденка ПАВКОВИЌ