Портпаролот на Штефан Филе, Петер Стано, ги отфрли шпекулациите дека Европската комисија нема да прави пролетен Извештај за Македонија во однос на заклучоците на последниот Самит на Европскиот совет.
– Извештајот е во фаза на подготовка и до властите е да обезбедат да биде суштински и да ги исполнува очекувањата како што е формулирано во заклучоците на Советот, потенцира Стано во изјава за МИА.

Сепак, гласноговорникот на Филе, кој вчера ја поздрави средбата Груевски-Борисов на својот Твитер-профил, потенцира дека е жално што Четвртата рунда од Пристапниот дијалог на високо ниво е откажана”.
– Оваа рунда имаше за цел да придонесе во подготовката на овој извештај, но за жал мораше да се откаже, додава портпаролот на Европската комисија.

Според информациите од Комисијата, задача на Директоратот за проширување, добиена од Европскиот совет според заклучоците од декемврискиот Самит, е да подготват Специјален извештај за Македонија, кој е најавено дека ќе биде објавен на 27 април, а од чија содржина зависи дали на јунскиот Самит на Советот земјата ќе добие датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ.