Екс НИП-овци ќе добијат пари на 27 декември
Обесштетувањето на поранешните вработени во НИП “Нова Македонија” ќе стартува на 27 овој месец преку сите експозитури на “Тутунска банка”-А.Д. Скопје изјави вчера за “Вечер”, стечајниот управник на НИП-от Ангелина Гогушевска.
Таа тврди дека од нејзина страна не се работи за никаква манипулација на некогашните вработени и останатите доверители кои со месеци ги чекаат своите пари туку дека главниот виновник е Владимир Ракочевиќ, правен застапник на словенечката “Југ Сторитве”, фирма која сакаше да ја купи Нова Македонија. Според Гогушевска, тој не сакал да ја прими пресудата од Апелациониот суд за да истата може да стане и извршна. “Откако ова го увидовме, основен суд Скопје 1, со специјална достава, на Ракочевиќ на 14 овој месец му ја достави пресудата. Сега течат законските осум дена, по што таа станува и извршна, односно наместо на 6 овој месец извршност ќе стапи на сила на 22 декември”, вели Гогушевска. Со тоа се пробиени првично најавените рокови за потпишување на купопродажниот договор меѓу НИП-от и Јавно станбено претпријатие кое големата зграда на некогашниот новинско-печатарски гигант го има добиено на лицитација во јули годинава.
“Од Катастар не ни го даваат исчистениот имотен лист се до 22 декември кога пресудата станува извршна, документ кој го бара Јавно станбено претпријатие за да ги уплати парите. Во Катастар е се договорено и овој документ ќе го добиеме, а договорено е купопродажниот договор да го потпишеме на 23 овој месец, додека парите на поранешните вработени ќе бидат легнати во Тутунска банка на 27, односно наредниот вторник”, тврди Ангелина Гогушевска и додава дека Станбеното претпријатие на 15 јануари 2006 година и официјално ја презема големата зграда.
Што се однесува до останатиот имот на некогашниот НИП “Нова Македонија”, остана уште мал дел за продажба од која некогашните НИП-овци ќе добијат по уште околу 2 процента некаде во февруари идната година, со што случајот “Нова Македонија” ќе биде затворен.
Весна М. БОЖИНОВСКА