Овој 22 април заедно да го прославиме Денот на планетата Земја со #ЗеленоВетување кон самите себе, велат во соопштение за јавноста од Центарот за истражување и информирање за животната средина, „Еко-свест“.

Од таму порачуваат дека во екот на пандемијата што го зафати целиот свет, сите треба да се запрашаме што сакаме да подобриме дома, на работа или во секојдневните навики како би овозможиле изградба на систем во кој главни приоритети ќе бидат здравјето на луѓето и животната средина, праведноста, солидарноста и отпорноста на заедниците.

„Електричната енергија кај нас се уште доаѓа од јагленот кој е валкан извор со многу последици по климата, здравјето и животната средина. Токму затоа е исклучително важно да го направиме домот енергетски ефикасен, меѓутоа и да спречиме непотребни загуби на енергијата во секојдневното извршување на домашните задачи. Оние кои можат да си дозволат да постават фотоволтаици, време е тоа да го направат сега.

Отпадот исто така е еден од најголемите проблеми во нашата земја, а може да биде можност доколку секој од нас направи напори да го намали и селектира домашниот или канцелариски отпад. Ако се уште не постои систем за селектирање, време е сами да го создадеме- едно по едно маало, еден по еден град. Има доволен број приватни компании кои сега би требало со своите економски активности да и дадат подршка на заедницата каде ја остваруваат својата дејност“, порачуваат од „Еко-свест“.

Од таму нагласуваат и дека време е човештвото да почне да ги штеди водните ресурси и плодната почва, бидејќи се скапоцен и незаменив дел за животот на планетата.

„Секое парче земја станува важно, дури и просторот во дворот. Време е локалниот производител на храна да ни стане најдобар пријател. И самите можеме да направиме урбани градини кои ќе бидат центар на локалната заедница, ќе нѐ учат на заедништво, на солидарност и сплотеност“, истакнуваат од „Еко-свест“ од каде на Денот на планетата ги повикуваат луѓето на индивидуална акција за спас на Земјата.

извор: Makfax