Балканските земји водат лоша економска политика во изминативе 20 години и меѓу нив речиси и да нема разлики во поглед на загрижувачките показатели, смета соработникот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Владимир Глигоров.
– Претходно имаше разлики во економските состојби меѓу земјите во регионот, но сега лошата ситуација се прошири на сите економии кои имаат слични карактеристики, изјави Глигоров на прес-конференција во Белград.

Како што јави Танјуг, Глигоров наведе дека причина за ваквите состојби се преголемата зависност од странски инвестиции, високата стапка на невработеност, ниското индустриско производство и недовербата во сопствените валути.
– Балканот во целина е неуспешен простор во кој владее тешка социјална состојба и подолг период доминира висока стапка на невработеност – смета овој економски експерт.
Глигоров нагласува дека недовербата во домашната валута и во централните банки е карактеристична за сите земји од регионот, што е најдобро видливо во тоа што граѓаните своите заштеди ги чуваат во евра, а и самите држави позајмуваат во странски валути.