“Белграѓани, ракот ви чука на врата” беше една од највпечатливите пароли, што вчера на протестот во Белград ги носеа над илјада жители на Панчево. Тие дојдоа во знак на револт, бидејќи владата на Србија не презема ништо за елиминирање на енормното загадување, кое со години ги труе жителите на овој град. Организаторите, за мото на протестот го земаа слоганот: “Еколошко востание на Панчево”, за кој велат дека не е случаен и дека ќе протестираат се дури не им се реши овој животен проблем со кој живеат и страдаат бројни генерации панчевци. Нивниот револт кулминира, кога од Панчево им дојде веста дека аерозагаденоста во градот повторно е зголемена.
“Ги донесовме нашите сограѓани на последен цивилизациски протест. Наредните нема да бидат така цивилизирани, бидејќи одговорните во центрите на моќта ја прокоцкаа својата шанса” – изјави главната и одговорна уредничка на весникот “Панчевац” Марија Андриќ, чиј весник е организатор на протестот во Белград. Учесниците на протестот беа примени од министерот за наука и животна средина, Александар Поповиќ на кого тие писмено му ги прредадоа сите свои барања.