Наградуваниот режисер Светозар Ристовски по речиси 11 години ќе и се претстави на македонската публика, и тоа токму со светска премиера на филмот “Лазар” со што и официјално вечерва ќе биде отворено 36. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера “Браќа Манаки” во Битола.

Филмот ќе го промовира режисерот Ристовски, директорот на фотографијата Дејан Димески, актерите Дејан Лилиќ и Наташа Петровиќ, како и продуцентката Корнелија Ристовска.

По проекцијата, екипата на “Лазар” ќе се поклони на сцената.

Филмот инаку, е приказна за Лазар (25) и Тони (32), чија тешка економска состојба ќе ги турне во нелегалниот свет на шверцување емигранти… Жанровски станува збор за современа, психолошка крими-драма сместена во транзицискиот период во посткомунистичка Македонија.

Познатиот костимограф и режисер Благој Мицевски, одговорен за отворање и затворање на фестивалот, пак, посочува дека тие ќе бидат во знакот на 110-годишнината од првата филмска камера на Балканот и филмовите кои со својот визуелен идентитет прераснаа во култни филмови за цели генерации.

“Токму неколку автори од такви филмови се и гости и добитници на наградите на годинашното издание на Фестивалот. Покрај воведната церемонија на црвениот килим, во Големата сала на Центарот за култура млади уметници од Македонија ќе реализираат настан инспириран од еден култен светски филм, а ќе се случи и нова македонска филмска премиера”, вели режисерот Мицевски.
Покрај славните актери Бруно Ганц и Алексеј Серебрјаков на кои ќе им биде доделена Специјалната “Златна камера 300” за особен придонес во филмската уметност, на црвениот килим ќе продефилираат и двајцата кинематографери, лауреати на Наградата за животно дело “Златна камера 300”, Ришард Ленчевски и Божидар-Бота Николиќ. На третиот добитник, Јаромир Шофр, наградата ќе му биде врачена на свеченото затворање, на 27 септември.

Специјалната “Златна камера 300” на Бруно Ганц ќе му ја врачи министерката Елизабета Канческа-Милевска, додека претседателот Ѓорѓе Иванов, кој е и покровител на Фестивалот, ќе му ја врачи наградата на Ришард Ленчевски.

Наградата “Голема ѕвезда на македонскиот филм” која Друштвото на филмските работници на Македонија годинава му ја додели на Дарко Марковиќ во негова чест ќе ја прими неговиот син Филип Марковиќ.

Освен Ленчевски и Николиќ како членови на жирито на Официјалната програма со нас ќе биде и македонскиот режисер Митко Панов. На свеченото отворање ќе присуствуваат и двајца од тричленото жири на новата програма “СЕЕ камера”: Маја Богоевиќ и Мирослав Момчиловиќ.

Под мотото “Филмот е убав”, Фестивалот и официјалниот партнер – Вип оператор годинава најавуваат 13 програмски категории во кои ќе бидат прикажани 215 филмови. Во десетте филмски дена, Фестивалот ќе биде домаќин на безмалку 700 најавени гости, еминентни филмски работници, критичари и студенти, а ќе понуди уште 75 придружни настани. На програмата се и наслови од големите филмски фестивали од сите континенти, и од повеќе од 40 земји.

103-те филма кои ќе бидат прикажани во Битола од 18 до 27 септември се во различни категории, од кои три се натпреварувачки категории (Официјална, Нов европски филм и СЕЕ камера). Останатите 111 се студентски филмови.

Бруно Ганц на првата прошетка по Широк сокак

Големиот актер, легендата на европскиот филм Бруно Ганц, веднаш по пристигнувањето во Македонија, ја имаше и својата прва прошетка по Широк сокак во Битола. Тој заедно со директорот на фестивалот Браќа Манаки, Димитар Николов, неговата сопруга Кристина Христова-Николова и режисерот Митко Панов, член на меѓународното жири на Официјалната програма на фестивалот, уживаше во опуштена атмосфера и дружење со своите домаќини со кои претходно ја посети и винарската визба “Тиквеш”. Скромниот и тивок гостин кој на фестивалот ќе ја прими специјалната “Златна камера 300” за особен придонес во филмската уметност, изразил желба што понеформално и без помпезност да ги помине деновите дури престојува во Битола и во Македонија и како што самиот вели, воодушевен е од пречекот на организаторите на фестивалот.