Во рамки на проектот Health info, кој е дел од ИНТЕРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Грција и Република Северна Македонија 2014-2020, во текот на изминатите две недели се спроведоа едукативни работилници за специјалисти радиолози и радиотехничари, со цел обезбедување напреден тренинг за најдобри практики во врска со испитувања и рана детекција на рак на дојка.

Едукативните работилници опфаќаат повеќе аспекти на дијагностиката, меѓу кои: значењето на техничкиот квалитет на мамографијата, улогата на ултразвукот во скринингот, протоколот за скрининг, техниките на снимање за рано откривање на рак на дојка, како и значењето на раната дијагноза како најважен фактор во успешното лекување на ова заболување, информираат од Министерството за здравство.

Учесниците на работилниците се доктори специјалисти по радиологија и радиoлошки техничари од Клиничката болница Битола и Општата болница со проширена дејност Гевгелија, а едукатори се квалификувани и искусни доктори специјалисти по радиологија и радиолошки технолози од Градската општа болница „8 Септември“ и Универзитетскиот институт за радиологија . Покрај теоретски дел, работилниците се состојат и од практична работа во наведените институции.

Во рамки на проектот се набавени нов дигитален мамограф и ехо апарат во вкупна вредност од 140.000 евра, наменети за Клиничката болница Битола и Општата болница со проширена дејност Гевгелија, со кои веќе се спроведува пилот проект за скрининг на канцер на дојка (мамографија и ехо на дојка), како и скрининг на канцер на грло на матка (гинеколошки преглед, ехо и ПАП тест). На овој начин се добива можност за интегрирање на информациските системи меѓу овие болници и неколку здравствени институции во Грција, а воедно се унапредува комуникацијата со здравствените институции во Грција.

Инаку, овој проект се финансира од страна на Европската Унија која обезбедува 85% од финансиските средства,додека 15% од средствата се национално учество.

Целта на проектот е подобрување на системот на здравствена заштита во пограничните региони на двете земји (битолскиот и гевгелискиот регион), преку воспоставување на иновативен модел – унифициран електронски систем за размена на информации помеѓу двете земји.

Фокусот е да се опфати потешко достапната популација, како што се жени на возраст од 35-60 годиниво помалите рурални општиниво пограничниот регион со Грција,со цел да се адресираат нивните потреби,и истите да се вклучатво квалитетна превентивна програма за скрининг на канцер на дојка и канцер на грло на матка.

Раната детекција на овие болести овозможува поставување рана дијагноза и навремен и ефикасен третман, што во крајна линија има за цел намалување на стапката на морбидитетот и морталитетот предизвикани од овие болести кај наведената популација.

извор: Makfax