Бразилската интернационалка во редовите на македонскиот првак Кометал Ѓ Петров, Едуарда Аморим, која по завршувањето на минатата сезона, пролетта, го напушти клубот и замина во австриската Хипо, деновиве престојуваше во Скопје. Таа имала средба со Управата на клубот, плачела и молела да и дадат исписница, да може да игра за седумкратниот европски првак, а не да се врати во Скопје и да си го одработи договорот со Кометал Ѓ. Петров до 2010 година. Едуарда, веројатно верувала во авторитетот и врските на газдата на ХИПО, Гунар Прокоп, дека ќе успее да го раскине договорот со нашиот клуб, но ништо од тоа. Првостепената и второстепената комисија на ЕХФ одлучија дека таа е играч на Кометал Ѓ Петров, а истото го стори и цивилниот суд.

– Едуарда очајнички се обиде да не импресионира со своите солзи и убедувања да и дадеме исписиница, да игра за ХИПО. Кога ја прашавме кои се причините за ваквиот неспортски потег што го направи по завршувањето на минатата сезона, таа рече дека “сакала да игра во поголем клуб, а не од лични причини” – ни рече директорот на Кометал Ѓ. Петров, Димитар Тодоровски. Да беа лични причини, можеби ќе ја разберевме, но вака до 2010 година исписница нема да види. Со нејзиното заминување ни ја расипа сезоната, и наседна на евтини лаги од Управата на ХИПО. Побара средба и со спонзорот на клубот, но тој воопшто не сакаше да слушне за такво нешто. Таа се уште е во Скопје, но работите се статус кво – или ќе игра за нас, или ќе паузира до 2010 година, заврши Тодоровски.

Во меѓувреме, според Тодоровски, добиен е сертификат од ЕХФ за настап за Кометал Ѓ. Петров на Мириета Бајрамовска, која играше во грчкиот тим Драма, бидејќи клубот не ги исполнил обврските кон неа.

Вилизар ПАВЛОВ