Венчавката, колку и да се трудиме да ја направиме неформална, сепак, не може да се реализира без некои востановени симболи и случувања, кои со векови се проткајуваат и се дел од традицијата. Секој има свое место и значење во церемонијата, што не може да помине без склучувањето на граѓанскиот брак, што се одвива во Матичната служба. “Дипломата” добиена таму е законска потврда за постоењето на бракот, што потоа се потврдува и пред Бога. Во Скопје има дваесетина канцеларии во кои се склучува брак, но со оглед на бројот на кандидатите и кажувањата на вработените со години најинтересно е во службата што се наоѓа наспроти Градскиот парк. Податокот ни го потврди и Зоран Кузмановски, матичар во Матичната служба при СВР Скопје, кој во рамките на својот 20-годишен стаж во Министерството веќе 14 години е на ова работно место. – Работата е обемна, иако изгледа едноставно, но е убава и ме исполнува. Креативна е, бидејќи се работи за најубавиот чин со кој младите се врзуваат во светата брачна заедница. Тежината е во тоа што се работи со луѓе, во живо и нема репризи. Треба да се угоди секому и да се направи онака како што младите и нивните семејства си замислиле. Додека сум овде се случиле повеќе пријатни отколку непријатни нешта. Најголем проблем, барем досега, односно најчесто се случувало младенците да доцнат, па потоа бараат прием во туѓ термин, но с&”238; се решавало на најдобар начин. Малку, барем во изминативе неколку години, проблематични ни се и термините. Не знам дали е поради традицијата, приодот или местоположбата на оваа служба, но овде доаѓаат буквално сите и се чека со месеци, а во останатите канцеларии е порелаксирано. Со време, планираните свадби си го добиваат саканиот термин, но оние другите не секогаш успеваат во тоа. За работните денови, вторник и четврток, кога уште се вршат регистрации, за закажување доволна е една недела однапред, но доколку желбата на младите е церемонијата да се случи за викенд тогаш треба да се дојде со време. Гужва има во таканаречените свадбарски периоди, еве на пример, сега бидејќи почнаа Божиќните пости се намали бројот на венчавки. Има, но далеку помалку од пред само една или две недели. Најдобар ден за венчавка е саботата, тогаш всушност се и “турканиците”, па речиси на секои пет минути имаме нови младенци, раскажува Кузмановски. За разлика од порано церемонијата сега трае неколку минути, а километарскиот текст е заменет со само неколку прашања. – Во интерес на времето, а со нов закон скратени се неколку членови од стариот и сега церемонијата трае пократко. И честитањето на младите е сведено на минимум. Дозволено е, но само за најблиските. Тоа е направено од практични причини за да може навреме да се стигне до следната дестинација, дополнува Кузмановски. Работата како и секоја друга има свои добри и лоши страни, полна е со интересни случки, доживувања или како што се вели – многу луѓе, многу приказни… А такви приказни матичарот научил безброј. Меѓу поинтересните и на кои со задоволство се присетува е онаа поврзана со верувањето според кое две невести не смеат да се видат. – Случајно се погоди двете невести да се сретнат и некои од гостите од едната свадба, а кои беа од Кучково, веднаш “делуваа” и со ќебе си ја покрија својата невеста. Ни доаѓале и млади со трема, кои дури и едвај да можеле да се потпишат. Рекордер по непотпишување, иако мажите важат за посилна половина, е зет. Момчето имаше толку трема што 5 – 10 минути седеше и не можеше да ја помрдне раката. Моравме да интервенираме со чаша вода, па дури и му ја држевме раката додека се потпишуваше. Уште една интересна приказна на која се сеќавам како на една од посмешните е кога едните сватови дојдоа порано, а другите задоцнија. Не знаевме кого да примиме. Во турканицата влегоа сите одеднаш и се случи нешто што дотогаш го немавме видено – на едното столче имавме две невести, а на другото двајца зетовци. Предложив да направиме заедничка венчавка, но не се согласија. Едната двојка на крајот попушти и с&”238; добро се заврши. Имало и “НЕ”, но не вистинско туку на шега. Еве пред извесен период момчето на поставеното прашање дали сака да стапи во брак одговори со НЕ. Сите подзинаа. Н&”238; стави во непријатна ситуација. Три пати едно подруго рече НЕ, па дури и невестата почна да вика. Во позадината видов насмеана група млади и с&”238; ми стана јасно. Излезе дека се работело за облог, се договориле трипати едно по друго за сума од стотина евра тој да каже НЕ. Вистинско “НЕ” не се случило никогаш, с&”238; се само чаршиски муабети. Неколкупати сме чекале двојка, па ни дошол само едниот – зетот и тоа развеселен со одговор дека тргнале кон матичното, а завршиле, односно морале да завртат кон породилното. Има уште многу случки, а свое место меѓу поинтересните, секако, имаат и оние од типот на НЕ, наместо ДА. Не грешеле само младенците, туку и сведоците, се присетува Кузмановски. Што с&”238; е потребно за склучување граѓански брак?! Склучувањето на бракот кај нас не е дозволено надвор од определената просторија, односно Матичната служба. Исклучок се само посебните случаи, кога се во прашање сериозни здравствени проблеми, а кои се потврдуваат со медицински документ. Документи се потребни и за венчавката, што не може да се склучи само врз основа на барање или љубов. Доколку се работи за прв брак на двајцата или еден од младите потребно е прво да го посетат Центарот за социјална работа на град Скопје, каде е сместено брачното советувалиште. Потребни се и нови изводи не постари од 6 месеци и важечка лична карта. Склучувањето на втор брак не обврзува посета на брачно советувалиште. Ова важи за нашите државјани, додека за странците процедурата е малку посложена и тогаш освен веќе споменатите документи треба да се приложи и патна исправа, извод од матичната книга на родените, уверение за слободната брачна состојба, уверение со кое се докажува дека нема никаква законска пречка и сето тоа од земјата од која доаѓаат. Сите овие документи треба да бидат оригинални и не постари од шест месеци, како и судски преведени и заверени од нотар. Сведоците, пак, без разлика дали младенците се домашни или увозни со себе треба да понесат важечка лична карта, значи треба да се полнолетни. Доколку, пак, тие се странци треба да приложат патна исправа. Кога во брак стапуваат малолетници тогаш освен останатите документи потребно е и судско решение со согласност од родителите.


АЛЕКСАНДРА ТИМКОВСКА