Најмалку едно лице загина, а повеќе се повредени откако маж почнал да пука во трамвај во холандскиот град Утрехт, објави Би-би-си.

Холандскиот премиер Марк Руте се обрати по инцидентот и рече дека е длабоко загрижен и дека поради овој настан ќе биде свикан кризен состанок на владата.

Холандското радио објави дека зголемено е нивото на безбедност во седиштето на владата во Ден Хаг.

„Неколку куршуми биле испукани во трамвајот, едно лице е убиено, а неколку се повредени. На местото на настанот има хеликоптери, а досега никој не е уапсен“, изјавил портпаролот на полицијата Јуст Ланшаге.

Очевидец на настанот кажал дека видел жена како лежи во локва крв.

„Ја однесов до мојот автомобил. Кога пристигна полицијата, таа веќе не беше при свест“, изјавил тој.

Полицијата објави дека напаѓачот избегал со автомобил по пукањето. Од таму исто така навеле дека во моментов се истражува дали станува збор за терористички напад.

Досега не е познато колку луѓе се повредени и каква е тежината на нивните повреди.

 

извор: Makfax