Брегзитот треба да се случи утре, на полноќ, 1.317 денови откако Британците одлучија да ја напуштат Европската Унија. Што ќе се смени на 1 февруари?

Секојдневната трговска размена меѓу Обединетото Кралство и ЕУ ќе продолжи како и до сега сè до крајот на 2020 година. Во преодниот период од 11 месеци, Лондон и Брисел треба да се договорат какви ќе бидат нивните односи во иднина.

Ако не се договорат, трговијата со Британија ќе се одвива според правилата на Светската трговска организација додека не се постигне договор за слободна трговија, што всушност би значело „тврд“ брегзит.

Лондон до 1 јули може да побара продолжување на преодниот период за година или две, но британскиот премиер Борис Џонсон рече дека не го сака тоа.

ЕУ утре на полноќ првпат ќе остане без една земја-членка, која меѓу другото е и една од најголемите и најбогатите.

По излегување на Велика Британија, територијата на ЕУ ќе се намали за 5,5 отсто, а ќе се намали и бројот на жители.

Ако Обединетотo Кралство ќе сака да се врати во Унијата, ќе мора да ги помине вообичаените процедури за пристапување.

Отстранувањето на британското знаме од пред зградата на Европскиот парламент во Бирсел ќе ја симболизира промената – Обединетото кралство нема да биде земја-членка на ЕУ туку ќе стане „трета земја“.

Во ЕП нема да има ниту еден од сегашните 73 британски европратеници.

Според податоците на Обединетите нации, речиси 1,2 милиони британски државјани живеат во некоја друга членка на ЕУ, а најмногу во Шпанија, Ирска, Франција, Германија и Италија. Според британската канцеларија за статистика, пак, 2, 9 милиони државјани на 27 земји-членки на Унијата живеат во Британија, што е околу 4,6 отсто од популацијата.

Во склад со Договорот за повлекување, и едните и другите ќе го задржат правото на престој и работа во земјите во кои престојуваат. Државјаните на земјите-членки кои престојуваат во Британија ќе мора да се регистрираат за да ги задржат правата. За Британците кои живеат ов ЕУ процедурата се разликува од земја во земја.

Слободата на движење ќе важи до 31 декември 2020 година. Деталите за реципрочните права ќе бидат договорени после брегзит.

извор: Makfax