Еден денар за економските промотори во странство
И Министерството за економија ќе бара од зголемувањето на цената на цигарите, што се планира да се случи идната година, еден денар да оди на негова сметка. Тоа ќе значи дека наместо најавениот пораст на цената на цигарите од девет денари, скокот ќе биде за 10 денари. Зашто Министерсвата за здравство и за земјоделство веќе се изјаснија дека бараат пет, односно три денари од секоја продадена кутија, а Екологија смета на уште еден денар за него. Парите што од дополнителниот денар за Економија би се собрале, би требало да се искористат за финансирање на работата на економските промотори во странство, бидејќи во буџетот на Министерството за економија за идната година, не се предвидени пари за оваа намена.
Промоторите само пред една година беа избрани и пратени во Русија, Италија и СРЦГ и според замислата, требаше да помогнат како за привлекување на странски инвестиции така и да пружаат помош на нашите фирми за настап во тие земји. Меѓутоа, сега, во скусениот буџет на Министерството, усогласен со препораките од Финансии за тоа на колку пари можат да сметаат, немало доволно пари и за оваа цел. Оттаму, според ресорниот министер, Фатмир Бесими тој до Владата ќе достави информација за сегашната состојба со предлози каде да се бараат пари. Па така, освен од цигарите, како можни варијанти, се размислува за средствата што се добиваат од КАРДС програмата, од донатори, или од парите што во буџетот ќе се слеат од продажба на државниот капитал. За годинава средствата беа обезбедени од дивидендата од Телеком. Но, не е исклучена и можноста за промена на статусот на избраните лица, односно да се оди на варијанта на економски аташеа кои ќе работат во рамките на нашите амбасади, а што како пракса дала добри резултати во многу земји, меѓу кои и во Словенија.
Зденка ПАВКОВИЌ