Египетскиот воен суд по грешка осуди едно 4-годишно момче на доживотен затвор поради убиство, соопшти армијата.

Портпаролот на армијата, полковник Мохамед Самир, изјави дека судот минатата недела всушност требало да осуди едно 16-годишно момче со слично име, пренесуваат агенциите.

Детето Ахмед Мансур Корани е осуден заедно со група од 115 лица поради немирите на следбениците на Муслимански браќа во провинцијата Фајум во 2014 година.

Неговиот адвокат приложи документи кои докажаа дека Ахмед тогаш имал само една година.

Полковникот Самир на Фејсбук објави дека наместо детето требало да биде осуден 16-годишниот Ахмед Мансур Корани Шарара.

Медиумите наведуваат дека засега не е јасно како “грешката” ќе биде исправена и што ќе се случи со детето.

Името на детето по грешка стасало на списокот осомничени оти судскиот службеник не му го дал на судијата неговиот извод од книгата на раѓање кој би докажал дека во времето на инцидентот Ахмед бил бебе, вели неговиот адвокат. И затоа, по грешка е осуден.