Египетскиот парламент го овласти претседателот Абдел Фатах ел Сиси да распореди војници во Либија за да го спречи напредокот на турската милиција во сојуз со меѓународно признатата Влада на национална спогодба (ГНА), пренесува „Брејтбарт“.

Ако Сиси ја спроведе својата закана да наметне „црвена линија“ што ќе претвори дел од најбогатите нафтени полиња во Либија во египетската безбедносна тампон-зона, египетските трупи би можеле да се судрат со турската војска.

Во јуни, Сиси ја повлече својата црвена линија помеѓу либиските градови Сирте и Џуфра, предупредувајќи дека ако милицијата со поддршка од Турците ја преземе контролата врз „нафтената полумесечина“ на Либија, тие би можеле да го ограбат нејзиното нафтено богатство и да пренесат дел од средствата на екстремистичките организации што претставуваат закана за Египет.

Откако неколкупати го менуваше ставот за либиска интервенција во јули, Сиси минатата недела цврсто изјави дека ако силите поддржани од Турција влезат во Сирте, тоа ќе ја премине неговата црвена линија и ќе предизвика одговор.

Сирт во моментот е под контрола на Либиската национална армија (ЛНА), ривалската сила предводена од генералот Калифа Хафтар и поддржана од Египет, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Русија, заедно со неколку други страни кои веруваат дека Хафтар подобро би можел да ја стабилизира Либија од поделениот сојуз на ГНА.

Хафтар и неговите приврзаници веруваат дека ГНА е слаба, корумпирана и поврзана со терористички групи, додека ГНА и нејзините приврзаници го сметаат Хафтар за брутален воин и тиранин. Хафтар го држеше под опсада Триполи и се чинеше дека може да го освои градот сè додека Турција не интервенираше во име на ГНА.

Египет е дополнително загрижен дека сојузот на Турција со ГНА може да го прошири турското влијание врз копно и море, сериозно загрозувајќи ги интересите на Египет и неговите сојузници.

„Дојче Веле“ истакна дека египетскиот Претставнички дом е полн со приврзаници на Ел-Сиси, така што седницата за одобрување воена акција против криминалните милиции и странските терористички групи што дејствуваат долж „западниот фронт“ на Египет не е изненадување.

„Индипендент“ во вторникот напиша дека конфликтот меѓу Египет и Турција во Либија може да биде неизбежен ако не успее наводниот телефонскиот повик на Сиси до американскиот претседател Доналд Трамп и Трамп не го убеди турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да се повлече.

Ако Сиси ја планирал заканата со воена интервенција како блеф, ГНА би можела да биде подготвена да ја предизвика. Аналитичарите ја опишувааат инвазијата на Сирте како „неизбежна“, првенствено затоа што Турција преговара со руските платеници да ги тргне настрана пред да почнат престрелките.

Ако Египет не интервенира или барем не изврши притисок врз ГНА и Турција да прифатат договор за прекин на огнот, падот на Сирте би можел да биде увертира во целосно збришување на Хафтар и неговата влада во сенка со седиште во Тобрук. Ако Египет интервенира, ОН предупредија дека во вкрстен оган би можеле да будат фатени над 125.000 цивили.

извор: Makfax