Селекцијата на Грција, актуелен европски првак ги урна сите соништа на кошаркарите на САД за враќање на достоинството, посебно што уште од 1994 година ја немаат освоено титулата светски првак. Во големото полуфинале, со многу возбудувања, Грците славеа против САД со 101:90. Тие уште еднаш ја покажаа својата големина, со мудрата, рационална игра, речиси во текот на целиот натпревар, посебно во моментите кога Американците се закануваа. Избраниците на селекторот на САД, Мајк Крижевски, во поголемиот дел на мечот покажаа премногу слабости кога требаше да поентираат од надворешните позиции. Со исклучок на Ентони и Хинрич другите не беа на височина на задачите. Единствено вредно за одбележување е дека Американците во првата и на почетокот на втората четвртина со агресивна одбрана и доминација во скокот изградија предност од 33:21. Следеше серија на Грците од 9:0 (Пападопулос, Дијамантис, и Папалукас) за 33:30, подоцна и до целосен резултатски пресврт. На крајот Грците славеа повеќе од заслужено и поради фактот што првпат во петтиот настап на светските првенства ќе се борат за светското злато. – Американците досега немаа играно против добра одбрана. Мислам дека се убедија во големината на нашиот тим, рече Тео Папалукас, кој иако многу не шутираше, мечот го заврши со 8 поени и дури 12 асистенции. Најефикасен кај Грците беше Спанулис со 22 кошеви и Какјусис со 15. Кај САД Кармело Ентони заби 27 поени, Двејн Вејд 19, а ЛеБрон Џејмс 17. Во второто полуфинале нова драма и повторно триумф на една европска екипа над селекција од Америка. Шпанија во голем стил по почетните 13:2 за Гаучосите славеше против Аргентина, актуелен олимписки победник од Атина со 75:74. Последната четвртина беше вистинска полуфинална во која резултатот го зголемуваше адреналинот на присутните. Шпанците учеството во големото финале против Грција го обезбедија во последните 11 секунди, иако во овој дел играа без најдобриот играч Пол Гасол, поради повреда на скочниот зглоб. Во победничката екипа Гарбахоса беше најефикасен со 19 поени, колку што реализира и Пол Гасол. Кај Аргентина отскокнуваше Џинобили со 21 поен.