Неколку европски земји почнаа да ги олабавуваат мерките кои беа донесени поради пандемијата на коронавирус во светот, отварајќи дел од продавниците и службите кои се неопходни за граѓаните.

Германија, по четири недели, го направи првиот чекор кон олабавување на мерките воведени од пандемијата со коронавирус. На продавниците до 800 квадратни метри, заедно со авто-салоните, продавниците за велосипеди и книжарниците со која било големина им е дозволено повторно да работат.

Тие биле отворени врз основа на договори меѓу сојузните влади и Владата на сојузните држави.Владите на сојузните држави се одговорни за воспоставувањето и укинувањето на мерките, така што постојат разлики меѓу регионите.

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска остро ги критикуваше дискусиите што се појавија низ Германија за ублажување на рестриктивните мерки воведени за ограничување на ширењето на пандемијата на коронавирус.За време на видео конференцијата на раководството на нејзината партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Меркел јасно стави до знаење колку е несреќна што пораките за внимателно ублажување на рестриктивните мерки, во некои сојузни покраини довеле до „оргии во дискусиите“ за тоа кога да се отвори сè.

Во Данска, пак, од денеска се отвораат фризерските салони, стоматолошките ординации, студијата за тетоважи, салони за физиотерапија и авто-школите. Тие ќе треба да се придржуваат кон одредени норми како што се социјално растојание, отстранување списанија од просториите за чекање, можност за миење и дезинфекција на рацете, темелно чистење и работа со скратено работно време.

Во  Норвешка повторно се отворени предучилишните установи, а со работа започнаа и стоматолозите, физиотерапевтите и оптичарите.

И властите на Луксембург почнаа да ги ублажуваат ограничувањата воведени заради пандемијата на коронавирусот.На граѓаните и понатаму им е препорачано во затворени простории, јавен превоз или продавници, обавезно да ја покриваат својата уста.

Како што наведува „Ројтерс“, премиерот Ксавејер Бетел минатата седмица изјавил дека во случаите кога не е можно одржување на безбедносна дистанца од два метри преку устата треба да се носи маска или ткаенина како шал. Луксембург има 626.000 жители, а локалните власти на сите ќе им подели по пет маски со цел да се заштитат.

Во првата фаза на ублажување на мерките, повторно ќе бидат отворени градилиштата, општинските рециклажни центри, продавниците за прибор за домакинство и градинарските центри, додека во следниот месец постепено ќе почнат да работат училиштата, но децата наизменично преку една недела ќе одат во училиште а наредната ќе учат од дома.

 

извор: Makfax