Европскиот првак го покажа вистинското лице. За разлика од првиот пријателски натпревар против Македонија, кога избраниците на Пипан дури беа и во игра за победа, овој пат, едноставно бевме разоружани – 77:55.

Во Леон натпреварот го почнавме сосема поинаку од првиот дуел. Во првата четвртина, најмногу благодарејќи на Меккелеб, имавме резултатска рамнотежа. Падот во ритамот почна во завршницата на првото полувреме, кога пет минути не постигнавме поени, а Шпанија направи серија од 11:0. На почетокот на вториот дел на кусо негативата ја намаливме на минус седум. Но, таа закана кусо траеше. Домаќинот потоа континуирано и рутинирано ја зголемуваше предноста, користејќи ги сите слабости во играта на нашиот национален состав.

За увреливата победа најзаслужен кај Шпанците повторно беше Марк Гасол со 11 поени и 10 скокови и Рики Рубио со ист број поени и четири асистенции. Во редовите на “црвено-жолтите” Бо Меккелеб со 11 поени беше најефикасен.

Македонската кошаркарска репрезентација сега се сели во Германија, каде ќе настапи на турнирот во Улм. Веќе денеска играме со Грција, на турнирот на кој ќе настапат уште и БиХ и домаќинот Германија.