Европскиот Оскар, наградата на Европската филмска академија за најдобар филм замина кај полскиот “Ида” на познатиот полски режисер Павел Павликовски. “Ида” е прекрасно снимен црно-бел филм кој говори за млада девојка, која како сираче пораснала во манастир и се подготвува да се замонаши. Но, пред да стане калуѓерка таа дознава дека има жива тетка, која како истакнат комунист била обвинител во време на сталинизмот, а сега е оддадена на алкохолот. Меѓу двете жени, со еврејско потекло, по запознавањето се создава силна врска, што од корен ќе го измени животот на младата Ида.

Покрај „европскиот Оскар” за најдобар филм, “Ида” ги доби и наградите за најдобро сценарио, режија и кинематографија. Со оваа победа само се зацврстија претпоставките дека филмот ќе добие и Оскар за странски филм.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=oXhCaVqB0x0]

На манифестацијата што викендов се одржа во летонскиот главен град Рига, наградата за најдобар актер ја доби Британецот Тимоти Спол за улогата на уметникот Вилијам Тарнер во филмот „Господин Тарнер” на Мајк Ли.

За најдобра актерка беше прогласена Французинката Марион Котијар за улогата во социјалната драма на браќата Дарден, „Два дена, една ноќ”.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=InuzW58ydyU]

Признанието за „откритие на годината” го доби украинскиот режисер Мирослав Слабошпицки за неговиот дебитантски долгометражен филм „Племето”.

Европските филмски награди ги доделува Европската филмска академија по примерот на американскиот Оскар. Лауретите со гласање ги избираат околу 3.000 членови на Академијата, со која претседава германскиот режисер Вим Виндерс.