Европската недела на имунизација ја промовира основната порака – имунизацијата е неопходна за да се спречат болести и да се заштити животот. Вакцинацијата е признаена како една од најуспешните и најекономични здравствени мерки во светот.

Вакцинацијата спасува милиони луѓе од болести, инвалидитети и смрт секоја година. Достапни се ефективни и безбедни вакцини, кои штитат од голем број сериозни заболувања, а се развиваат и многу нови ветувачки вакцини.

Вакцинацијата создава отпорност на организмот кон заболувањата, го спречува ризикот од заболување и ја спречува смртноста од заболувањето. Таа спречува инвалидитет и други последици, допринесува до колективен имунитет, но исто така спречува и појава на епидемии од заразни болести. Ги намалува трошоците за лекување, како и трошоците за боледување, но најважно од се обезбедува здраво поколение.

Континуирано превземаме бројни активности за унапредување на веќе успешниот систем за имунизација во државата спроведуван од страна на службите за имунизација во Здравствените домови. Навремено обезбедуваме вакцини од светски реномирани производители, кои задолжително исполнуваат строги критериуми за квалитет. Тие се регистрирани во државата, преквалификувани од Светската здравствена организација (СЗО) со што дополнително се гарантира дека вакцините што се користат се безбедни и ефикасни и за истите задолжително се обезбедува Сертификат за квалитет издаден од производителот и Сертификат од референтна лабораторија за контрола на квалитетот од ОЦМЛ мрежата.

Со строго придржување кон принципите за одржување и контрола на студениот синџир на сите нивоа – при набавката, транспортот, чувањето и ракувањето со вакцините и со максимална посветеност на здравствените работници кои ја спроведуваат имунизацијата, се стремиме кон остварување на основаната целта, односно постигнување на опфат над 95% на национално и регионално, и над 90% на локално ниво со сите вакцини.

Согласно преораките на СЗО, Министерството за здравство во 2019 година, во Календарот за задолжителна имунизација воведе две нови вакцини, вакцина против инфеции предизвикани од ротавируси и против инфекции предизвикани од Streptococcus pneumoniae.

Вакцинацијата против рота вируси ги заштитува децата од тешки дијареи предизвикани од овие причинители, пропратени со многу висока температура и дехидратација, како и од комликациите предизвикани од истите.

Вакцинацијата против стрептококус пнеумоние ги заштитува децата од заболувања предизвикани од овој причинител, односно инфекции на увото, синусите, воспаление на белите дробови но и тешки компликации како воспаление на мозочните обвивки (менингитис).

Со осовременувањето на Календарот за имунизација, рамо до рамо со европските земји, обезбедивме заштита од вкупно 12 заразни болести. Реализирани се неколку едукации и обуки за здравствените работници во соработка со СЗО и УНИЦЕФ.

Во однос на актуелната ситуација со новиот Корона вирус и континуираното и тековно спроведување на имунизацијата, уште на самиот почеток, Комисијата за заразни болести и Комитетот за Имунизација донесе препорака дека вакцинацијата треба/мора да се спроведува континуирано, согласно Календарот за имунизација. Оваа препорака се однесува особено на новороденчиња и деца од предучилишна возраст. Секако, согласно препораките да не се групира населението, со цел да се избегне истовремено присуство на голем број лица, во рамките на секој здравствен дом е направена проценка и распоред на вакцинацијата, односно истата спроведува во здравствените домови со претходна покана на децата и со закажани термини.

Минатата година успешно се справивме со епидемијата на мали сипаници, во која од појавата на првите случаи на крајот од 2018 година и одјавата на крајот од 2019 година, вкупниот број на регистрирани случаи на мали сипаници во републиката изнесуваше 1.901 случај и за жал 4 смртни случаи. Со преземањето на интензивните мерки со цел заштита на населението од епидемијата, од почетокот до одјавувањето на истата, вкупно се вакцинираа 49.332.

Во 21 век, секое дете има право да живее ослободено од болести што можат да се спречат од вакцинирање, но овие болести сè уште претставуваат значителни закани во Европскиот регион. Како резултат на тоа, зајакнувањето на имунизацијата останува клучна активност.

извор: Makfax