Европска бренд банка сака да ја купи Македонска
Една европска банка која е меѓу првите пет во светот е сериозно заинтересирана да ја купи Македонска банка, соопшти менаџментот на Банката потврдувајќи дека се во преговори уште од ноември 2005 година. Со претставниците на оваа банка и со текот на преговорите деновиве се запознаени и премиерот Никола Груевски и гувернерот на Народната банка, Петар Гошев. Во планот за инвестирање на оваа реномирана европска банка, како што нагласи вториот генерален директор на Македонска банка, Стево Мицковски, е во 2007 година да влезе во македонскиот банкарски систем. Оваа Банка само годинава има инвестирано 10 милијарди евра во купување банки во Европа.
За да може да ја реализира продажбата, Македонска банка бара од гувернерот да го пролонгира рокот за продажба на 60 проценти од акциите што ги има Јовица Стефановиќ Нини, а кој истекува на крајот на годинава. Банката, воедно бара од НБМ да ги симне забраните што ги има изречено за пласман на средства кон граѓаните и кон стопанството. Менаџментот на Македонска предлага докапитализација на банката од 10 милиони евра што би ја направила фирмата “Јака 80” како нејзин доминантен акционер. Со овој предлог е веќе запознаен гувернерот Гошев и деновиве се очекува неговиот одговор.
-Очекуваме од НБРМ да има разбирање. Не е наш интерес распродажба на банката или распродажба по било која цена, туку намерата е таа да стане уште поконкурентна и да може добро да се продаде на странска банка – вели Мицковски и додава дека Банката има и резервна варијанта во случај гувернерот да не го прифати овој предлог, но таа не би била толку добра за нејзина натамошна работа.
Инаку, Македонска банка за десет месеци од годинава има остварено добивка од милион евра и капитал од 10,5 милиони евра. Се очекува до крајот на годинава капиталот да достигне 11 милиони евра и да се оствари добивка од 2 до 3 милиони евра.
НОВА КАРТИЧКА МАК-КАРД
Македонска банка деновиве пушти во оптек сопствена картичка Мак-кард, која е дебитна и е наменета за правни и физички лица. Во оптек е пуштена бизнис картичката која е наменета за фирмите и стандард мак-кард за населението. Банката има веќе 25 банкомати и 200 пост терминали за користењето на картичките на кои се наплатува минимална провизија од 1 до 3 проценти.
Весна М. БОЖИНОВСКА