Европската комисија предложи низа мерки за забавување на ширењето на коронавирусот, кои вклучуваат, меѓу другото, помасовно и побрзо тестирање, подготовка на кампања за вакцинација и ефективни и интероперативни апликации за следење на контактите.

„Ситуацијата е многу сериозна. Треба да го забрзаме одговорот на ниво на ЕУ“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Оваа година ќе имаме поинаков Божиќ“, истакна Фон дер Лајен, додавајќи дека многу ќе зависи од тоа што ќе се преземе во следните неколку недели.

Комисијата ги повикува земјите членки да преземат понатамошни чекори и да дејствуваат на координиран начин, бидејќи Европа повторно станува жариште на пандемијата.

„Ги повикувам земјите членки да соработуваат поблиску. Храбрите чекори што се прават сега ќе спасат животи и средства за живот. Ниту една земја членка нема да излезе од пандемијата сè додека не го сторат тоа сите“, изјави Фон дер Лајен.

извор: Makfax