Изградбата на втората фаза од автопатот околу Скопје, од Оризари до Сарај доцни веќе два месеца. Во Фондот за магистрални и регионални патишта се оптимисти дека камен-темелникот за почнување на работите ќе биде поставен за десетина дена, ако се реши проблемот со спорната царина што треба да ја плати изведувачот – грчката компанија “Терна” за влез во земјава на нејзините градежни машини. Доброупатените во овој бизнис велат дека грчкиот изведувач се уште се двоуми и околу тоа дали во земјава да отвори своја асфалтна и бетонска база или да ги користи постојните на нашата градежна оператива. Претходно, кога Фондот го избра изведувачот се најавуваше дека сепак, иако трите наши компании не ја добија работата, дека ќе бидат ангажирани како подизведувачи. Во Фондот велат дека не знаат до каде се преговорите со нашите градежници и очекуваат “Терна” да побара од нив мислење. Според директорот на Фондот, Љуљзим Џемаили најсериозни кандидати ќе бидат “Маврово”, “Пелагонија” и “Бетон” кои, откако како конзорциум ја изгубија работата, сега преговараат да добијат барем дел од колачот тежок 50 милиони евра.
Според извори блиски до министерствот за финансии грчка “Терна” уште при добивањето на тендерот знаела дека нема да може да увезува вакви машини бидејќи токму такви има тука, односно дека тоа бил еден од критериумите за негово победа на тендерот. Тоа е, велат царински експерти пракса во сите земји членки на ЕУ, со цел да се заштити својата домашна оператива и тука државата го гледа својот интерес при избор на партнер на тендерот. Инаку, според Царинскиот закон, според член 117 при привремен увоз на градежни машини се плаќа 3 отсто од полната царина која треба да се плати. Бидејќи за ваквите машини најчесто царината е 0 насто, значи не се плаќа. Но, за ретките случаи има 5 насто царина и од нив треба да се платат само 3 отсто. Грчкиот изведувач во случајот не плаќа ниту ДДВ, а ваквото актуализирање на “спорот” е само вадење во немоќ да почнат со работата, велат владините експерти.
“На овој дел од трасата немавме некои поголеми проблеми со експропријација на земјиштето и тоа е завршено 92 отсто. Документацијата е комплетирана, има и банкарска гаранција од “Алфа” банката, а примопредавањето на теренот е завршено. Очекуваме набрзо до нас да достават писмо за добивање согласност за старт на градежните активности”, вели директорот на Фондот, Љуљзим Џемаили. За разлика од Џемаили, министерот за транспорт и врски Џемали Мехази причината за доцнењето на стартот на работите го лоцира во проблемите кои произлегоа од првата фаза на изградбата на обиколката. Оваа траса што ја гради “Гранит”, во должина од 13,5 километри меѓу Хиподром и Оризари, е готова само 45 до 50 отсто, иако требаше да биде завршена до август годинава. Според него, на оваа делница веќе еднаш била изменета делницата, за што не била информирана Европската банка од Лондон, која е кредитор и која сега, додека за направената измена не ја добие целата документација, всушност не сака да префрла пари за втората делница.
Со направеното поместување на трасата, нејзината должина се зголеми за 1,2 километри. И додека да се надминат проблемите поврзани со нерешените имотноправни односи, веќе истекува седумгодишниот грејс-период од кредитот тежок 60 милиони евра, земен за изградба на целиот автопат, а во кој се вклучени средства за изградба на првата делница, дел од втората и остатокот за други проекти. Договорот со “Гранит” е склучен на 36 милиони евра, а државата за експропријација и ДДВ е задолжена со околу 14 милиони евра. Во овој грејс-период, државата ја плаќа камата на кредитот, која е пониска за два процентни поени од нормалната камата, но затоа е единствен пример да се плаќаат камати на кредити што не се користат.


Светлана БЛАЖЕВСКА