Прекрасен концерт, задоволна публика. Завчеравечер присутните во Македонската опера и балет во Скопје имаа ексклузивна можност да го проследат настапот на Младинскиот оркестар на Европската унија. Сто и дваесетте музичари кои за првпат настапуваат во Македонија, на сцената на МОБ дадоа свој максимум и уште еднаш покажаа дека се врвен и престижен оркестар, и пред се динамичен во изведбата што е и сосема разбирливо поради фактот дека се работи за музичари до 25 години.

Интересно е што со нивниот настап во Скопје по повод 50 години од катастрофалниот земјотрес кога светот се обедини за да му помогне на градот, овој пат тоа го направи музиката.

Оркестарот составен од музичари од 28 членки на Европската унија покрај композицијата на Германецот Карл Марија фон Вебер, свиреа и дело на американскиот композитор Леонард Бернштајн и рускиот композитор Игор Стравински. Нивното музицирање беше наградено со огромен аплауз и овации кои изнудија и два биса, а во публиката освен Македонци имаше и голем број странци. Меѓу присутните забележливо беше и присуство и на поголема група на Азијати кои уживаа и го коментираа настапот. Концертот во Скопје не го пропушти и Ерван Фуере, сегашниот аналитичар на Центарот за европска политика во Брисел, а поранешен амбасадор на ЕУ во Македонија.

Веќе ги видовме оркестарот на Бољшој театарот, Израелската и Лондонската филхармонија, Рускиот симфониски оркестар, а вечерва ќе го проследиме и настапот на овој престижен Младински оркестар на Европската Унија. Република Македонија е денеска несомнено афирмирана и атрактивна културна дестинација која го провоцира вниманието на големите имиња од светот на уметноста но, и на посетителите кои се гости на нашите фестивали и манифестациии, истакна Елизабета Канческа Милевска, министерката за култура на РМ. (Д.Т.)

Македонци во оркестарот на ЕУ
Од следната година во овој оркестар ќе членуваат и македонски музичари како дел од проектот Македонијаа на Младинскиот оркестар, Скопското летоо и Музичката младина на Македонија. Неколку млади македонски музичари идното лето ќе му се приклучат на оркестарот на турнеја во Австрија, а се планира Оркестарот во август 2014 да има концерти и на летните фестивали во Охрид и Битола.