Министерот за надворешни работи Никола Попоски на маргините на Бледскиот стратешки форум се сретна со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи на Словенија Карл Ерјавец, со американскиот заменик помошник на државниот секретар за Европа и Евроазија во Стејт Департментот Хојт Ји, со германскиот државен министер за европски прашања Михаел Рот, со шефовите на дипломатиите на БиХ Игор Црнадак, и на Унгарија Петер Сијарто, како и со директорот на Стопанската комора на Словенија, Само Храбар Милиќ.

Како што соопшти МНР, тема на разговорите беа унапредувањето на билатералните односи и актуелните прашања и предизвици со кои се соочува Република Македонија, регионот и меѓународната заедница. Посебен акцент се стави на моменталната политичка состојба во Република Македонија, како и проблемот со зголемениот наплив на мигранти.

Во однос на состојбата со мигрантите соговорници, се наведува, потврдија дека е неопходно заедничко решение, со што поскоро унифицирање на позицијата на ЕУ за побрзо решавање на мигрантско-бегалската криза, со соодветен хуман третман на мигрантите, во согласност со меѓународните норми и правила. Беше истакнато дека мигрантската криза е сега во фокусот на повеќето Европски земји.

– Добро е што е поттикната свеста дека тоа не е само македонски, германски, српски или грчки предизвик. Остава надеж дека можеби конечно ќе се преземат и европски чекори. Солидарноста е подобро да се изрази во кризни ситуации и за хумани причини, отколку за остварување локални агенди, истакна Попоски.

Исто така, комплетирањето на Собранискиот состав беше поздравено во контекст на, како што стои, приближување во позитивен правец.

На средбите се разговараше и за регионалната соработка и економските можности во Македонија и опкружувањето, со фокус врз инфраструктурата и привлекувањето странски инвестиции, се вели во соопштението.