Германската канцеларка Ангела Меркел ги повика земјите од Европската унија да ја споделат тежината на мигрантската криза.

– Европа како целина треба да постигне напредок по тоа прашање и земјите-членки треба да ја споделат одговорноста за бегалците кои бараат азил, истакна Меркел на прес-конференција во Берлин.

– Доколку Европа не одговори соодветно на прашањето за бегалците, таа ќе ги прекине фундаменталните врски со универзалните граѓански права, додаде Меркел.
Таа побара уште веднаш да се определат квоти за прием на мигрантите.

– Доколку не успееме да постигнеме спогодба за праведно распределување, ќе ја доведеме во прашање Шенгенската спогодба, а ние не го сакаме тоа, рече Меркел.

Според неа не е прифатливо тоа што некои земји од ЕУ изјавуваат дека не сакаат да прифатат муслимани.

– Соочени сме пред голем национален предизвик. Тоа ќе биде главниот предизвик не само следните денови или месеци, туку за долг временски период, изјави германската канцеларка во врска со приливот на имигранти и очекувањата на Германија оваа година во земјата да дојдат 800 илјади кандидати за азил.

– Загриженоста на Германија е голема, но потребно е да бидеме пофлексибилни, нагласи Меркел и додаде дека Германија е доволно силна за да се соочи со предизвиците, како што е доаѓањето на стотици илјади имигранти.

Инаку, во Германија во периодот јануари – јули оваа година биле уапсени 1.785 луѓе осомничени за криумчарење мигранти, а се очекува таа бројка да биде наскоро и 2.000, соопшти полицијата. Меѓу уапсените 227 се од Унгарија, 147 од Романија, 110 од Србија, 108 од Сирија и 101 од Бугарија. Германската полиција лани уапсила 2.149 луѓе осомничени за криумчарење мигранти и азиланти во државата.

Се очекува оваа година во Германија да бидат поднесени 800 илјади барања за азил, што е четирипати повеќе отколку минатата година.

Но, бегалците имаат трнлив пат до Германија. Рекордни 3.650 мигранти пристигнаа вчера со воз од Будимпешта во Виена, соопшти австриската полиција. Ден претходно унгарските власти им дозволија на бегалците да заминат со воз за Австрија и Германија.

Голем дел од пристигнатите бегалци во Виена ноќта ја минаа на железничка станица, со цел да продолжат за Германија, која минатата недела ги олесни условите за добивање на бегалски статус за жители на Сирија. Истата вечер околу 400 мигранти пристигнаа со воз од Будимпешта во Минхен.

Меѓународната железничка станица во унгарскиот главен град Будимпешта вчера утрото извесно време беше затворена па повторно отворена, но не им се дозволуваше влез на бегалците, јавија унгарските медиуми. Унгарските власти ја затворија меѓународната железничка станица во главниот град Будимпешта поради обидите на стотици мигранти да се качат на воз за Австрија или Германија.

– Ниту еден воз нема да пристигне или да тргне од станицата „Келети” до нова наредба. Се молат сите да ја напуштат станицата, гласеше соопштението прочитано преку разглас на железничката станица.

Стотици бегалци протестираа пред станицата и бараа да им биде дозволено да се качат на возови. – Германија, Германија, скандираа тие покажувајќи ги билетите пред кордонот полицајци.
Железничката станица беше затворена откако дојде до судири меѓу дел од мигрантите, кои се обидоа да ги отворат вратите на перонот, но полицијата не дозволи тие да се качат на воз.
Австриските власти ја критикуваа Унгарија поради тоа што пропушта поголем број бегалци одошто Австрија може да прифати. Според австриската полиција, нема доволно службеници за ефективна проверка и регистрирање на сите новопристигнати бегалци.

Инаку, австриските власти од понеделникот повторно воведоа контрола на главните контролни точки долж границата со Унгарија.

Во врска со најголемата бегалска криза во историјата и австрискиот канцелар Вернер Фејман се согласи со германската колешка Меркел и изјави дека е неопходна солидарност во ЕУ за да се спречи бегалската криза, предупредувајќи дека во спротивно ширум континентот може да дојде до подигнување заштитни огради. Тој најави можност да биде извршен притисок врз другите членки преку преговори за буџетот на Унијата.

– Кога други од нас бараат солидарност тогаш и ние имаме право да се погрижиме и другите да дадат свој придонес. Ако не успееме да градиме заедничка Европа, ќе имаме насекаде ѕидови, истакна Фајман.

Австрискиот канцелар упати критики до Чешка и Полска, кои не прифатиле речиси ниту еден бегалец. Тој ја критикуваше и Унгарија поради пропуштање на бегалците, нагласувајќи дека постојат Даблински правила кои јасно укажуваат оти земјата-членка на ЕУ на чија територија азилантот прво пристигнал е надлежна за барање за добивање азил.

Како решение за спречување на актуелната криза Фајман предлага мерки против војната во Сирија, за што, според него, е потребен мандат на ОН.

Се продаваат фалсификувани сириски пасоши

Постојат информации за појава на трговија со фалсификувани сириски пасоши, особено во Турција, за полесен влез на мигрантите во ЕУ, соопшти директорот на Европската агенција за управување со надворешните граници (Фронтекс) Фабрис Леџери.

-Има луѓе што купуваат во Турција фалсификувани сириски пасоши, откако беше соопштено, дека Сиријците добиваат право на азил во сите земји членки на ЕУ, изјави Леџери, за француското радио „Јуроп 1″.

Според Леџери луѓето што користат фалсификувани сириски документи, често зборуваат арапски и доаѓаат од Северна Африка или Блискиот Исток, и имаат профил на економски мигранти.
Засега продажбата на фалсификувани документи не претставува негативно влијание врз безбедноста на ЕУ.