ЕВРОВИЗИЈА 2005
“НЕМИРОФ” ВОВЕДЕ СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА Главниот интернационален спонзор на Евросонг 2005, “Немироф” (компанијата што ја произведува водечката марка водка во Украина), воведе специјална награда за победникот. Наградата “Немироф” ќе биде доделена на 21 мај во Киев синема хаус веднаш по прогласувањето на евровизискиот победник. Дизајнирана е во стилот на старата традиција во Украина и нивниот знак за победа, но вметнати се и музички симболи.
ЅВЕЗДИ “НА КИЛО”
Додека затсиноќа, во ресторанот “Оринџ” течеше македонската вечер, на првиот кат на Евроклубот се одржа заедничката забава на претставниците на Малта, Кипар, Украина и Грција која беше наречена “Медитеранска вечер”. Гостите пристигнуваа постојано. Фотоапаратите се “вжештија” при влегувањето на фаворитката Хелена Папаризу. На влезот нетрпеливо ја чекаше нејзиниот колега од Шведска, Мартин, кому, како што самиот изјави, изведбата на нашиот минатогодишен претставник Тоше Проески му оставила силен впечаток. Шведскиот Мартин пред доаѓањето на Хелена одлично се забавуваше со новинарите и фановите, а потоа сето свое внимание го префрли на Хелена. Комуницираа малку на шведски, повеќе на англиски, а “паднаа” и многу бакнежи. На грчката делегација никако да и тргне своите ѕвезди да ги направи по малку недостапни. Таа стратегија ја имаа и лани со Сакис и годинава со Хелена, но и таа и Сакис заборавија да “глумат” непристапност. Песната што ја изведе “Ти си мојот број еден” предизвика еуфорија во клубот, во кој наминаа речиси сите годинашни евровизиски учесници. На прашањето дали можеби вниманието од медиумите ја тера да се чувствува победничка, Хелена за “Вечер” изјави: “Воопшто, голема е среќата што сум тука, што се дружам со сите и што сите ја сакаат мојата песна.” Вечерта ја збогати и Руслана која танцуваше диво со своите пријатели.
ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА НАШАТА ЗЕМЈА ВО КИЕВ
Најдолгата македонска вечер
КИЕВ, 19 МАЈ. Мартин, Македонија, “Маке мѕ даѕ”, е мотото под кое синоќа се одржа официјалната презентација на нашата земја на Евросонгот. Во клубот “Оринџ”, сместен на осмиот кат во зградата која моментно е наречена Евроклуб, се одржа македонската вечер со рекордно времетраење од 18 часот попладне до раните утрински часови. Со самото тоа најдолгата забава “дозволи” да биде посетена од многу странски новинари, фанови и киевчани, послужени со македонски специјалитети и сортно вино. Почетокот на кој задолжително беше да се поседува “виза Македонија”, што ја “удираа” на самиот влез, беше сосема неофицијален. Двајца украински водители зборуваа за Македонија, ја преведоа песната “Make my day” на украински и им препуштија на присутните да ја запеат на микрофон. Караоке шоуто и танцувањето, веењето македонско знаме на подиумот, ја подгреваше атмосферата некаде се до 22 часот. Кулминацијата настана со пристигнувањето на Мартин и екипата веднаш по завршувањето на нивната последна техничка проба. Него го дочекаа новинари, фотографи, македонскиот амбасадор во Украина Мартин Гулевски и неколку бизнисмени. Ја изведе евровизиската песна, со танчарките и придружните вокали Ѓоко Таневски и Дејан Бобиќ. Посебна чест му направи француската претставничка Ортал, која ја испеа својата песна и доаѓањето на “Но нејм” претставниците од СЦГ. Забавата продолжи и откако Мартин замина да се одмори. Македонската презентација ја посетија над 800 луѓе. Истата вечер имаше повеќе забави: БиХ, Русија, Албанија и онаа најпосетената – Медитеранската вечер.
Специјално за “ВЕЧЕР” од Киев: Валентина Ѓоргиевска