Најновата анкета на Евробарометар покажува дека Италија стана најевроскептична земја во Европската Унија бидејќи само 44 отсто од Италијанците би гласале да останат во блокот ако се одржи референдум. Резултатите од анкетата се многу поразлични кога станува збор за еврото, па 65 отсто од Италијанците велат дека поддржуваат Италија да продолжи да ја користи евовалутата, пренесува „Ил џорнале“.

Популистичкиот италијански министер за внатрешни работи, Матео Салвини, реагираше на податоците што се однесуваат на ЕУ:

„Сега на сите им е јасно дека треба да се преосноваат. Сонувам за Европа што прави малку работи, но ги прави добро. Европските избори следната година ќе бидат историски настан. Очекувам гласови од целиот континент за оние што сакаат да ги почитуваат нивните идентитети и народи, а против арогантните наметнувања на финансиските шпекуланти и апсурдните закони на бирократите што живеат на друга планета. Тоа ќе биде нова европска пролет на слободата”, рече Салвини.

Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, зеде попозитивен пристап кон резултатите велејќи:

„Благодарноста за членство во ЕУ и нејзините придобивки расте речиси во цела Европа. Единствената валута, исто така, им се допаѓа на големо мнозинство граѓани. Но во некои земји-членки, вклучувајќи ја и нашата, процентот на оние кои сметаат дека членството е позитивно е се уште пренизок. Мораме да ги удвоиме напорите за да покажеме дека ЕУ може да даде навистина ефикасни одговори на главните проблеми на Европејците, како што се имиграција, безбедност и невработеноста “, додаде тој.

Италијанскиот став кон членството во ЕУ доаѓа по серијата расправии меѓу Европската комисија и популистичката италијанска коалициска влада последните неколку месеци. Првично, Италијанците беа незадоволни од немањето напредок во решавањето на проблемите со мигрантите, па дури исе заканија дека ќе престанат да испраќаат пари во Брисел.

Во последните неколку недели конфликтот меѓу двете се врти околу италијанскиот буџет со кој се зголемува трошењето за да се плати програмата за основен приход на Движењето Пет ѕвезди. Зголемувањето беше критикувано од претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, кој претходно неделава изјави дека буџетот би можел да предизвика жестока контрареакција во другите земји од еврозоната.

извор: Makfax