На средбата на премиерот Заев и амбасадорот Шчербак било констатирано и дека евро-атлантските стремежи и определби на Република Македонија не се и не треба да бидат пречка за развој на билатералните односи помеѓу Македонија и Русија, особено што, како што било посочено, и кај двете држави постои став за одржлив систем на безбедност во светот, што е од меѓународно значење.

Рускиот амбасадор ја поздравил, како што рекол, енергичната посветеност на премиерот Заев и неговиот голем придонес кон демократските процеси што ја движат Македонија напред. Изразил почитување кон искрените и конструктивни политики на премиерот и на Владата, кои, како што посочил, водат кон евро-атлантски интеграции на Република Македонија, но и унапредување на односите со другите држави на полиња од заеднички интерес за граѓаните на земјите и за мирот во светот.

Заеднички било оценето дека отворените и посветени политики на премиерот Заев и на новата Влада создаваат услови за интензивирање на соработката помеѓу Република Македонија и Руската Федерација во областа на економијата, трговијата и инвестициите, земјоделството, енергетиката, транспортот, научно-техничката соработка и културата, што ќе се унапредува со меѓувладина и меѓупарламентарна соработка.

– Владата на Република Македонија е посветена на остварување на стратешките цели на државата ЕУ и НАТО, како и на градење пријателски односи со сите држави, меѓу кои и Руската Федерација на принципиелно демократско ниво. Фокусирани сме да обезбедиме добар животен стандард за граѓаните, повеќе работни места, повисоки плати, намалување на трошоците за живот, Македонија е земјоделска земја, со тоа и за земјоделски развој на државата и во таа насока е заинтересирана да се продлабочуваат односите со Руската Федерација, се вели во соопштението од Владата.

Заеднички е ставот на двајцата соговорници дека соработката меѓу пријателски држави е добра и во иднина ќе се надградува на такво прагматично и пријателско ниво.