Првата фотонапонска централа во земјата која истовремено произведува електрична енергија од сонцето и од одблесокот на светлината се инсталираше во Неготино од страна на ЕВН Македонија.

Оваа централа е дел од најсовремените светски технологии, направена од т.н. бифацијални панели кои во горниот дел ја акумулираат директната сончева светлина, додека во долниот дел го акумулираат одблесокот на светлината од рефлектирачкиот материјал дополнително поставен под панелите. Од ЕВН велат дека централата е изградена во рекорден период од помалку од четири месеци.

„Оваа фотонапонска централа е резултат на плодната соработка меѓу државниот и приватиот сектор. Горди сме што нашата компанија вложува во проекти кои се наменети за заштита на животната средина и особено за намалување на загадувањето. За рекордни не полни четири месеци, успеавме да направиме позитивна промена во насока на подобра енергетска иднина на земјата и за здравјето на нашите граѓани“, изјави претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Штефан Петер.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, зборуваше за важноста на инвестициите во делот на обновливите извори на енергијата и поддршката која константно се добива од ЕВН за постигнување на овие цели.

„Министерството за економија како надлежно министерство за политиките во делот на енергетиката, и во иднина ќе продолжи да поддржува активности за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност, со цел реализација на зацртаните цели за учеството на обновливите извори на енергија утврдени во стратешките документи во насока на постигнување на национална цел за заштеда на енергија“, рече Бектеши.

Овој проект се реализираше во рамки на стратегијата за производство на „Зелена енергија“ од страна на Владата.

Премиерот, Зоран Заев, ги истакна стратегиите на Владата за контуиниран развој на секторот за енергетика, а особено делот за обновливи извори на електрична енергија.

„Ми претставува чест и задоволство што денес сме тука на промоцијата на првата фотонапонска централа на ЕВН Македонија. Честитки за оваа инвестиција, за овој успешно реализиран проект во рамки на јавниот повик на Министерството за економија. Сончевата енергија ја имаме во изобилство, ние сме земја со 280 сончеви денови годишно и најквалитетен „пик на сончева енергија“, речр Заев.

Бифацијалната фотонапонска централа на ЕВН Македонија во Неготино е составена од 4.416 панели со моќност од 335 W, односно инсталирана моќност од 1479 кW и има капацитет од 2,1 GWh за годишно производство на електрична енергија од обновливи извори на електрична енергија.

извор: Makfax