Скопскиот аеродром е единствен во цела Европа кој се уште функционира без електронски чекинг и кај нас сите процедури врзани за прием и отпрема на патници и багаж се вршат мануелно. Набавката на новиот чекинг е нешто што авиокомпаниите го бараат со години наназад. Но иако станува збор за инвестиција од само околу 160.000 евра, ниедно досегашно раководство на Аеродромското претпријатие нема решено да го инсталира системот, кој не само што дава поголем квалитет на услугите, поголема сигурност при отпрема на багажот, туку е значајна и од безбедносни причини. Сето она што им се случува на патниците на нашето главно авиопристаниште, од турканици на само неколку шалтери, мануелна евиденција, изгубен или неутоварени багажи, потоа паѓа на товар на самите авиокомпании, бидејќи патниците од нив ги имаат купено билетите.
Токму затоа, домашниот авиопревозник МАТ, кој остварува 50 отсто од превозот на патници од и кон Македонија, пред неколку месеци побара од ЈП за аеродромски услуги Македонија согласност сами да го организираат хендлингот, што подразбира чекирање на билети, евиденција, прием и утовар на багаж и подготовка на авионите за лет, а што инаку и на другите аеродроми или го организираат самите компании или има посебни фирми кои се занимаваат со тоа. Кај нас се уште единствен кој ги дава овие услуги е Аеродромското претпријатие, за што компаниите плаќаат огромни средства, а истовремено добиваат катастрофална услуга. Во МАТ велат дека мораат постојано да имаат посебна екипа која е стационирана на аеродромот, бидејќи инаку, само со она што го нуди аеродромот, би се случил вистински хаос.
Според елаборатот кој го имаат направено, тие се подготвени да си набават самите електронски чекинг и сето она друго што е неопходно за овој сервис, со што квалитетот драстично ќе се подобри, но нема да бидат мали и заштедите. Во компанијата имаат пресметано дека на годишно ниво ќе заштедат околу еден милион евра.
Меѓутоа, иако постои законски основ компанија сама за себе да организира вакви услуги, што е поткрепено и со мислење од Правниот факултет, од Аеродромско претпријатие е даден негативен одговор. Барањето затоа е препратено до Министеството, но и од таму нема никаков одговор.


Кај нас 760, во Словенија – 230 вработени на аеродромите
Аероромското претпријатие моментално има 760 вработени, за кои месечно за плати се потребни околу 400.000 евра, односно на годишно ниво – 5 милиони евра. За споредба, аеродромот во Љубљана има 230 вработени, а годишно има трипати повеќе патници отколку кај нас. Веројатно и затоа аеродромите, особено Скопскиот, пропаѓаат и со години ништо не се инвестира.


Зденка ПАВКОВИЌ