Во изминативе 15 дена се евидентирани уште два нови случаи на хив/ сида. Со тоа бројот на новозаразените во текот на годинава се искачи на осум ново регистрирани случаи на возраст од 25 до 55 години. Според проценките на епидемиолозите, реални се шансите да бидат евидентирани повеќе нови случаи од 1994 година, кога биле пријавени најголем број инфицирани или заболени од оваа подмолна болест – осум случаи. Првата хив/сида инфекција во Македонија е евидентирана во 1987 година, а во националниот здравствен картон (без последните два случаи) се пријавени 56 заболени и 16 хив позитивни лица. Од евидентираните во текот на оваа година едно лица веќе починало. Инфекцијата е добиена по сексуален пат, а анкетите укажуваат дека заразата се случила преку хетеросексуален контакт.
Македонија влегува во групата со ниска преваленца на пандемијата што го тресе светот, со оглед дека има помалку од 100 случаи на хив/сида, меѓутоа експертите во повеќе наврати укажуваа дека на регионот му се заканува вистинска експлозија од оваа инфекција. Токму затоа, епидемиолозите предупредуваат дека не смееме да ги затвораме очите пред заканата од оваа болест и од причина што во третманот од особено значење е раното откривање на инфекцијата. Меѓу официјално регистрираните случаи има припадници на обата пола (повеќе од третина се од женски пол) и тоа од целата територија на земјава, иако факт е дека над 60 проценти се од Скопје, Тетово и Прилеп. (Р.Н.)