Свеќата е неопходен дел од ритуалите кои православните христијани ги спроведуваат за време на семејните слави.

Православните христијани кога имаат домашна слава, тие всушност го слават светецот заштитник на нивниот дом. Тогаш целото семејство се собира околу поставената маса, се споделуваат љубовта, слогата и мирот. По желба, се канат и гости.

Се верува дека славската свеќа е дар на семејството кон Бога. Таа претставува светлина на вербата и се пали при сечењето на славската погача. Според традиционалните верувања, молитвата и славската свеќа привлекуваат добра енергија и ја чистат душата од негативни елементи.

Многумина оставаат свеќата да гори во текот на целиот ден на славата, а остатокот од нејзе се пали за другите верски празници кои семејството ги слави. Може да се остави и под домашниот иконостас да догори.

Свеќите се неизоставна декорација за време на верските празници, а често се поврзуваат и со релаксирачки и медитативни својства, кои ги чувствуваат оние кои веруваат дека пламенот е светлина кон Бог и неговиот пат.