Состојбата во Северна Македонија е загрижувачка, но може да се стави под контрола преку со масовно тестирање, идентификување на случаите, нивните контакти и нивно изолирање. Ова го изјави денеска на прес-конференција, др Фабио Скано, советник на Светската здравствена организација Европа.

„Ова што го гледаме во моментов е загрижувачко. Поуката што треба да ја извлечеме е дека до пронаоѓањето на делотворна вакцина, не смееме да се опуштиме. Дејствата што ќе се преземат овие денови, но и во неделите и месеците кои претстојат ќе бидат критично важни со цел да се спречат случаите на новозаразени и да се спасат човечки животи“, изјави Скано.

Д-р Скано во земјава престојува од понеделникот со цел да се подобри разбирањето за еволуцијата на Ковид-19 и влијанието на постојните мерки. Во текот на посетата тој оствари средби со претседателот Стево Пендаровски, членовите на Комисијата за заразни болести, Кризниот оперативен центар за Ковид-19, Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје во Скопје и Тетово, лабораториите и другите здравствени институции кои работат со справување со кризата, како и со поединци од заедницата и верските лидери во земјата.

Тој позитивно го оцени одговорот на здравствените власти, особено заложбите на здравствените работници. Д-р Скано го нагласи фактот за поставување одговор на кризата уште пред да се појават случаите: силниот капацитет за тестирање кој овозможи идентификација на пациентите во раните фази на пандемијата, агилната пренамена на здравствените капацитети со што се овозможи соодветна здравствена грижа за пациентите со Ковид-19 и раната заштита на постарите граѓани во домовите за згрижување.

Сепак, вели дека повторното појавување на случаите може да се менаџира – и во иднина сите напори треба да бидат насочени кон превенција од зголемување на жариштата. Ова е возможно ако Владата и заедницата работат во цврста спрега.

„Северна Македонија, до неодамна беше од најдобрите примери за одговор на кризата во регионот на Европа и може да биде повторно“, изјави Скано.

Како дел од заклучоците тој истакна дека треба да се прошири добрата работа направена до сега во идентификувањето и изолирањето на сомнителните случаи.

„Сега е време сите повторно да се ангажираме, општеството во целина, за да ги идентификуваме случаите и нивните контакти рано и да продолжиме со заштитните мерки. Ова е единствениот начин да бидеме пред вирусот. Целосно разбираме дека социо-економското влијание на јавните здравствени мерки предизвикуваат загриженост бидејќи ги запираат животите и живеењето на луѓето. Сепак, здравствениот и економскиот интерес не треба да бидат контрадикторни. Одговорот мора да биде соодветен и јавните здравствени мерки треба да бидат прилагодени со нивото на трансмисија на болеста.– додаде претставникот на СЗО.

Д-р Скано ја потврди поддршката која СЗО ја дава на нашата земја за да се зајакне одговорот на пандемијата за да се заштитат животите и живеењето на граѓаните.

извор: Makfax