ДУИ сака да ја преземе Поштенска банка, тврдат за “Вечер” банкарски извори, кои велат дека албанските министри вршеле притисок врз премиерот Владо Бучковски пред избори Владата, односно јавното претпријатие Македонска пошта, да ги купи 66,66 проценти од акциите во Поштенска, што ги поседува Еуростандард банка. ДУИ би ја презел “контролата” врз банката преку директорот на Македонски пошти, Таип Јакупи, кој е член на оваа владејачка партија. За овој непристоен предлог се разговарало на завчерашната владина седница, на која дебатата толку се вжештила, што премиерот бил принуден да ја прекине седницата. Ваквиот предлог не бил прифатлив за останатите министри, поради што Бучковски одлучил за оваа прашање да се разговара на наредната владина седница.
“Вечер” дознава дека за купување на Поштенска банка бил заинтересиран и албанскиот бизнисмен Веби Велија, сопственик на телевизијата Алсат. Тој, наводно веќе бил кај гувернерот Петар Гошев за да добие информации за условите за купување на банката, а разговарал и со директори на уште две мали банки за нивно евентуално купување.
Банкарски извори тврдат дека ДУИ сака да има албанска банка во земјава и дека сега по откажувањето на холандската ИНГ им е отворен патот за да ја реализираат оваа идеја.
Прашањето за судбината на Поштенска банка било ставено на дневен ред на владина седница откако раководството на Еуростандард банка, која е сопственик на доминантниот пакет акции во Поштенска до премиерот доставило писмо со кое побарале Владата да го каже својот став за едно од предложените решенија. Се инсистира на брзо изјаснување со цел Поштенска што е можно побрзо, повторно, целосно да го активира работењето со што би се одбегнала можноста за нејзина ликвидација. Првото решение е спојување на Поштенска и Еуростандард банка во една силна и голема банка, второто е докапитализација на Поштенска од постојните акционери и трето решение е евентуална продажба на овие акции на Македонска пошта, која во оваа банка веќе има 33 проценти од капиталот. Дознаваме дека Еуростандард се залага за првото решение и дека холандската ИНГ би ја менаџирала новата банка, но само под услов да се повлече тужбата, која деновиве е поднесена против Холанѓаните во судот во Лондон со која се бара отштета од 582.000 евра. Но оваа опција, велат наши извори, не ја дозволува ДУИ. Од Народната банка велат дека продажбата на акциите на државата, би наишла на негодување кај ММФ и Светската банка бидејќи овие институции инсистираат државата да се ослободи од капиталот во банките. Гувернерот на Народната банка, Петар Гошев, за “Вечер” изјави дека случајот го разгледуваат стручните служби на Банката. “Рокот што и го дадовме на Еуростандард банка да ги продаде акциите истече, но ние ќе чекаме да видиме како ќе одлучат акционерите. Не можеме да ја обвиниме Еуростандард банка бидејќи зделката со ИНГ пропадна од објективни причини, а не по нивна вина”, вели Гошев.


Весна М. БОЖИНОВСКА