Компанијата за трговија и снабдување со електрична енергија У-Повер, чиј косопственик е синот на поранешниот министер и вицепремиер од ДУИ Муса Џафери, добила тендери во вредност од над 1,5 милиони евра, пишува новиот број на неделникот Фокус.

Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија е основана во 2016 година од страна на синот на Џафери – Аријанит Џафери, кој е партнер заедно со Фитим Ибрахими, син на Азби Ибрахими, сопственик на тетовската градежна компанија што поседува и две мали хидроцентрали, АК-Инвест.

Откако ги добива потребните лиценци од Регулаторната комисија за енергетика, оваа компанија почнува да се етаблира на пазарот и да добива тендери, од кои, според Бирото за јавни набавки, најголем е овогодишниот договор склучен со ЈП Железници во вредност од над 600.000 евра.

Од „У-Повер“ велат дека нејзиното формирање е резултат на долгогодишното пријателство меѓу партнерите Џафери и Ибрахими, кои, истакнуваат од таму, се млади, амбициозни и висококвалификувани лица.

„Во ова сфера постои само еден фактор за успех, а тоа е ниската цена во продажбата на електричната енергија – вели управителот на друштвото Васко Симовски, додавајќи дека тоа важи и за комерцијалните клиенти и за јавните претпријатија или државни органи.