Хуманитарниот пакет со лекови од државните резерви за Југоисточна Азија ја заплетка Владата. И тоа по два основи. Првата е дефинирањето на неговата содржина, а втората е дилемата дали она што ќе излезе од стоковните резерви ќе се обновува или пак не. Ваквите спротивстствени ставови, се чини, продолжуваат со оглед дека првиот лекар во државата д-р Владо Димов на неколку седници на Владата ја отвора темата за државни резерви со лекови, но неговата иницијатива, според владини извори, не поминува кај министерот за финансии Никола Поповски, а последната кочница, наводно, дошла од премиерот Бучковски. Дали зад ова стои само фактот што во државниот буџет не се предвидени средства за вакви набавки или, пак и нешто друго, останува само да се претпоставува. Целиот случај дополнително го оптоваруваат и приказните за “интересите” на фармацевтските лоби групи кои во пополнувањето на државните резерви гледаат можност за добра зделка, како и шпекулациите за веќе дефинирани списоци од која фирма што и колку ќе се земе, се разбира, без отворање на тендерска постапка. Работата дефинитивно се усложнува со објективните потреби за освременување на стоковните резерви со современи препарати и изготвување на нови правила за чување, располагање и обновување (најверојатно, првпат тоа би се правело на тендер) на палетата што секоја држава мора да ја има за вонредни ситуации. Палетата лекови, барем според соопштението на Министерството за здравство со кое се промовираше вклучувањето на нашата држава во акцијата за помош на погодените региони во Југоситочна Азија, беше позиционирана на 1, 5 милиони евра, а содржината дефинирана согласно со потребите на тамошното насление. Министерството соопшти дека полуспразнетитите државни резерви “веднаш ќе бидат обновени”, но директорот на Бирото за стоковни резерви Радован Поповски, наредниот ден удри контра-палетата лекови е испратена како хуманитарна помош нема потреба да се обновува во државните резерви. Иако лековите веќе требаше да се упатат кон оние на кои им се наменети, нивниот асоритман секојденвно се преправа. Системот пиши-бриши и обвинувањата дека еден форсира една, а друг друга фирма – резулираат со секојдневни промени во содржината на хуманитранта пратка. Официјално никој не сака да говори за ваквите курцшлуси со стоковните резерви на лекови, а нивната злоупотреба и користење за екстрапрофит во изминативе години се уште се актуелни во фармацевтските кругови.


Ристе НЕДАНОВСКИ