Приватните болници ќе хоспитализираат болни од коронавирусот, одлучи владата на 69-та седница на Владата.

Со уредба се овозможува и приватните болници да хоспитализираат и да укажуваат нега и терапија на болни од КОВИД-19.

Владата  ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба, согласно која сега и приватните здравствени установи, во рамките на вршењето на дејноста за интензивна нега и терапија, ќе можат да укажуваат здравствени услуги и за заразната болест коронавирус КОВИД-19 за пациентите примени во установата кај кои во текот на укажувањето на здравствените услуги за дијагностицирање, лекување, третман, нега и рехабилитација во установата е утврдено присуство на причинителот Sars-Cov-2 вирус за заразната болест КОВИД-19.

Голем е бројот и на хоспитализирани со Ковид-19. На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 90 пациенти од кои 35 се на кислородна поддршка и нема пациенти на механичка вентилација.

Во ГОБ „8 Септември“ вкупно се хоспитализирани 120 пациенти од кои 12 се на респираторна машина, а 23 се со потешка клиничка слика. Во болницата во Битола се хоспитализирани 27 пациенти, а во болницата во Штип се хоспитализирани 21 пациент. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 74 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.