Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на денешната редовна прес-конференција информираше дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат бил на увид на терен во повеќе јавно-здравствени установи во изминатиот период согласно одлуката и препораката, односно задолжувањето од централниот штаб во Владата.

„Од 30-ти март до 5-ти април направен е вкупно 91 инспекциски надзор: 79 во јавно-здравствени установи, 12 во приватни. Направен е увид во однос на опременоста, количината на заштитни маски, ракавици, капи, мантили за еднократна употреба, визири и калјачи, сè што се користи за пристап кон пациенти на соодветно ниво на здравствена заштита. Констатирани се доволни количини, како и средства за дезинфекција на работни површини и дезинфициенци за раце“, потенцираше министерот Филипче.

Министерот Филипче го честиташе денешниот Светскиот ден на здравјето на сите колеги здравствени работници, кои како што истакна, во овие услови на светска здравствена криза, во услови на пандемија од коронавирусот, го даваат својот максимум за спасување на човечки животи.

„Здравствените работници се на првата борбена линија и даваат сè од себе во лекувањето и третманот на пациентите, а со тоа спасуваат човечки животи. Во овие моменти тие се столбот на државата и нашата најголема надеж. Апелирам до моите колеги – да го чуваат своето здравје, да се штитат на работното место, но и надвор од работното место. Во името на сите здравствени работници сакам да упатам апел до граѓаните да се придржуваат до мерките, да дадат точни и прецизни одговори на прашањата на медицинскиот персонал заради тоа што така се штитат медицинските работници, така го одржуваме здравствениот систем“, рече министерот Филипче.

Тој апелираше до граѓаните, сите да бидат одговорни кон себе и кон своите најблиски, кон останатите сограѓани. Да се придржуваат кон мерките, да ги почитуваат, со цел да се стави крај на патот на ширење на вирусот. Со оглед на тоа што веќе има над еден милион случаи во светот, а близу 70.000 починати, Светската здравствена организација во текот на денешниот ден ги предупреди земјите коишто планираат да ги ублажат мерките, да размислат, заради тоа што мислат дека има одредени мислења дека е се уште рано.

„Ние воведовме рестриктивни мерки за коишто верувам дека ќе има целосно разбирање, заради тоа што само такви мерки може да доведат до дефинитивно спречување на вирусот. Не е едноставно да се донесат такви мерки, меѓутоа тоа е нешто што мора да го направиме за да го намалиме ризикот по сопственото и колективното здравје“, додаде Филипче.

извор: Makfax