Државна матура ќе има, но прашањата нема да бидат со истата тежина како во изминатите години. Како што најави министерската Царовска завршниот испит ќе биде со поедноставни прашања и програми, а мора да се одржи затоа што тоа е законска обврска. Прашана, пак, за поделените ставови на средношколците, кои бараат годинава да нема државна матура или да се полага само за два предмета, министерката посочи дека матурата е законска обврска и е важно да бидеме во чекор со развиените држави.

„Програмите и прашањата се поедноставени. Важно е да бидеме дел од развиените држави oти лани ние бевме негативен исклучок поради тоа што не можевме да спроведеме матура. Голем дел од учениците кои требаше да се запишат надвор од државата не успеаjа да аплицираат заради тоа што немаат положен матурски испит“, изјави Царовска.

Сојузот на средношколци се залага за државна матура, но ограничена на два предмета и со скратени програми. Друг дел од средношколците ја бојкотираат наставата и бараат одложување на матурата.