Државата ќе организира лотарија, а парите што ќе ги собира од игрите на среќа ќе ги искористи за финансирање за активности на граѓански здруженија и други проекти од јавен интерес. Одлуката за формирање на трговско друштво за државна лотарија ја донесе Владата на завчерашната седница, при што единствен акционер ќе биде државата.

Таа ќе организира лото, лотарија, инстант лотарија, спортска прогноза и ТВ томбола, а од наредната година, половината од собраните средства ќе бидат искористени за изградба и одржување на спортски објекти.

Ваков тип на државни лотарии има во Велика Британија, Белгија, Романија, Хрватска и во Србија.

Според Законот за игри на среќа, општите игри на среќа се издаваат на јавен оглас, а почетната цена за лотарија изнесува 250.000 евра, за лото 1.050.000 евра, за спортска прогноза 385.000 евра, за инстант лотарија 550.000 евра и за ТВ томбола 1.570.000 евра. Лиценци за организирање на општи игри на среќа, во моментов, имаат “Лотарија на Македонија” и “Тутун промет”.

(С. Бл.)