Владата за развој на туризмот издвоила само 120.000 долари, иако од оваа дејност лани сме оствариле девизен прилив од 92 милиони долари. Хотелската асоцијација на Македонија ја обвинува Владата дека не се грижи за развој на туризмот во земјава, иако само од ДДВ од оваа дејност во буџетот лани се собрале 12 милиони долари. Владите на Србија и Црна Гора, Хрватска и на Бугарија трошат десетици милиони долари за развој на оваа гранка, а во Македонија сумата е незначителна иако во оваа дејност се ангажирани 14 000 вработени што е 1,6 проценти од вкупното население во земјава.
Според претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија, Дончо Таневски, земјава има природни можности за побрз развој на туризмот. “Пред 15 години туристичкиот сојуз на Македонија згасна. Сега за развој на туризмот во земјава единствено се грижи секторот за туризам во Министерството за економија, што се покажа како потполно промашување”, вели Таневски. Асоцијацијата уште на почетокот на годината подготвила предлог- закони за формирање на туристичка заедница, за туристичка дејност, за инспекција која ќе го контролира овој сектор, како и за намалувањето на ДДВ. Предлозите биле доставени до Владата и ресорните министерства, но, оттаму досега нема повратна информација. “Најверојатно се чека погоден маркетиншки момент за да се активираат. Хрватска уште пред 13 години го донесе Законот за туризам и покрај тоа што беше во војна. Ние во моментов немаме никаква законска регулатива, која ќе не штити. Асоцијацијата и претставниците на хотелите самостојно во последниве две години за туристичка пропаганда вложивме 800.000 долари, иако тоа е работа на државата”, реагираат во Хотелската асоцијација на Македонија.


Сузана Вренцовска