Првиот даночник во земјава, директорката на УЈП, Петра Митева, тврди дека оваа институција во никој случај не би си го дозволила луксузот да се оданочува по два пати кој и да е обврзник во земјава. Ваквата реакција на Митева се должи на обвинувањата на одделни бизнисмени, според кои, под притисок на хајката што се водеше во екот на даночната пирамида, тие биле принудени два пати да го плаќаат данокот на додадена вредност, па сега државата да треба да им ги враќа тие пари. Деновиве одделни медиуми објавија дека до Министерството за финансии веќе пристигнале повеќе барања за враќање на овој данок.
Митева вчера потврди дека навистина има околу 20 барања за поврат, но според неа тие се неосновани, така што повеќе од половината се веќе отфрлени. “Не знам од каде е таа информација, но потполно е дезинформација. Второстепената комисија на Министерството за финансии има разгледувано околу 20 предмети, од кои 11 се веќе отфрлени. И никој нема два пати платено данок, бидејќи УЈП нема да си го дозволи тој луксуз некого дополнително да го задолжува”, изјави Митева.
Ваквите информации нема да ја поколебаат УЈП уште пожестоко да ја продолжи битката против учесниците во даночниот криминален синџир.
Митева, потврди дека големите затајувачи се веќе “фатени” и против нив процесите течат, но ќе се “лови” се додека не се откријат и најситните даночни неплаќачи.


Весна М. БОЖИНОВСКА