Владата денеска на седница ќе го разгледува протоколот со кој се предлага заедно со Макпетрол да го управуваат гасоводот. Вицепремиерот Минчо Јорданов вчера изјави дека протоколот ќе важи се додека не заврши судскиот спор за сопственоста на гасоводот. Досега, државата го доби само спорот за владение и Макпетрол за две недели треба доброволно да му го предаде на јавното претпријатие Гама управувањето со гасоводот. Нафтениот дистрибутер нема право да се жали бидејќи одлуката е конечна. Но, од Макпетрол најавуваат дека ќе бараат ревизија на судскиот процес пред Врховниот суд бидејќи при носењето одлука бил вршен притисок врз судскиот совет на Апелациониот суд. “За ова веќе ги информиравме меѓународните организации во земјава. Во период кога секаде се продаваат и приватизираат јавни претријатија чудно е што кај нас Владата сака да го направи гасоводот државен”, велат од Макпетрол. Владо Петровски, директор на Гама, вели дека ако Макпетрол не го предаде гасоводот ќе побараат присилно извршување на пресудата. “Постои можност преку формирање на заедничко претпријатие да се управува со гасоводниот систем. За оваа опција ние се залагаме одамна. Во моментов тоа е единствено решение оти Гама ја поседува лиценцата за стопанисување со цевката. Ние сакаме да соработуваме, но чекаме иницијатива од Макпетрол”, вели Петровски. И Макпетрол смета дека во овој период единствено преостанува да се формира заедничко претријатие, се додека конечно не се реши спорот. “Очекуваме во најкус рок Владата да го усвои протоколот за заедничко управување кој неодамна е парафираниот. Не очекуваме присилно преземање на гасоводот бидејќи со тоа би се направила повреда на приватната сопственост”, велат од компанијата . Сега се чека судот да донесе одлука за сопственост врз гасоводот. Од Гама се надеваат дека со одлуката ќе се потврди дека државата е доминантен сопственик. Пресудата треба да се донесе до крајот на годинава. Засега, нејасно останува како Гама ќе управува со гасоводната цевка, кога јавното претпријатие нема никакви приходи оти сметката им е блокирана. Иако Владата донесе одлука да се префрлат средства за да се деблокира сметката на Гама, министерот за финансии Никола Поповски не дава пари.


Валентина МАРЈАНОВИЌ