Државата вчера преку јавна берзанска аукција на Македонската берза ги продаде акциите што ги поседува во “Инвест банка”, “Тутунска банка” и “Табак осигурување”, за кои инкасираше вкупно 21 милион денари, или околу 344 илјади евра. Иако беа понудени и акциите во “Силекс банка”, “КИБ” – Куманово и во “Македонска банка”, за нив немаше никаков интерес. За акциите во “Табак осигурување” државата доби 2.835.000 денари, при што една акција е продадена по 35 илјади денари, цена што беше и понудена. Кај обичните акции на “Инвест банка” и “Тутунска” е постигната поголема цена од понудената, што потврди дека станува збор за атрактивни акции и сигурни банки. Во прилог на ова говори и податокот дека за обичните акции на оваа Банка се натпреварувале четири, а за приоритетните две брокерски куќи. Акциите на “Инвест банка” кои беа понудени со почетна цена од 3.000 денари за акција се продадени по 4.407 денари, а кај “Тутунска” понудената цена беше 3.500 денари, а при продажбата достигнаа вредност од 4.200 денари или речиси за 50 отсто над понудената вредност на почетокот од аукцијата. Приоритетните акции на “Инвест банка” се продадени по цената по која беа и понудени од 3.000 денари, а на “Тутунска” по 4.000 денари, а беа понудени по 3.500 денари. Акциите што државата ги поседува во “Македонска банка”, “Комерцијално-инвестициона банка” и “Силекс банка”, ќе бидат повторно понудени на продажба под истите услови на следната аукција наредниот петок. Во “Македонска банка” државата нуди на продажба 85 акции, што е 0,075 проценти од капиталот на оваа Банка. Во “КИБ” -Куманово – 6.197 акции, и во “Силекс банка”- 1.964 акции.


Весна М. БОЖИНОВСКА